06.03.2012, 18:19 Опозициските закони паѓаат како круши
Пратеници од СДСМ се жалат дека нивни предлози се отфрлаат за потоа власта да ги предложи како свои
Светлана Унковска
Владејачкото мнозинство и опозицијата никако не можат да се најдат на иста линија за законски решенија и иницијативи што доаѓаат од двете страни. Трет ден на дневен ред во Собранието се девет предлози за измени на закони, по иницијатива на опозициските пратеници, и тоа главно од социјалната сфера. Но, барем досега, ништо од тоа не е прифатено. Опозицијата се жали дека нејзините иницијативи се отфрлаат за потоа власта да ги препише, како што велат, често пати со грешки и да ги предложи како свои.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека кога биле во опозиција ниту социјалдемократите не сакале да слушнат за нивните предлози, додека тие сега барем им ги прифаќале амандманите. Иако ова наликува на политика на инает, и од двете страни го негираат тоа. Сепак, и натаму не се поддржуваат меѓусебно за ниту еден законски проект.
„Кога СДСМ беше на власт, од 2002 до 2006 година, вкупниот број прифатени амандмани од ВМРО-ДПМНЕ беше двоцифрен. Ние само во текот на минатата година имаме прифатено над 300 амандмани на опозицијата и апсолутно не држи констатацијата дека се' што доаѓа од неа автоматски се отфрла“, вели Илија Димовски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Сепак, владејачките пратеници не можат да се пофалат дека некогаш го притиснале зеленото копче за опозициски закон. Објаснувањето е дека предлозите биле неискрени и без кредибилитет.
„Не станува збор за инает. Станува збор за кредибилитет. Кредибилитетот на политичарите и кредибилитетот на идеите. Од страна на опозицијата често немаме кредибилитет на политичари, а секогаш сме немале кредибилитет на идеи“, додава Димовски.
Од опозицијата ги отфрлаат ваквите тврдења и велат дека не им се прифаќаат ниту амандманите.
„Илјадници амандмани што сме ги поднеле за подобрување на лошите законски решенија на Владата радикално ни се отфрлаат, за потоа и законите и амандманите да ни ги препишат и да ги достават како своја идеја. Но не е проблем во тоа што ќе ги украдат идеите, туку при преписот прават грешки, кои повторно се на штета на граѓаните“, вели Игор Ивановски, координатор на пратеничката група на СДСМ.
Како примери ги наведува проектот „Купи куќа, купи стан“, законите за минималната плата, за легализација на дивоградби, за СОС-продавници, за намалување на акцизите или за декриминализација на клеветата...
Деновиве не поминаа предлозите од опозицијата за измени на законите за додадена вредност, за трансформација на Јавното претпријатие за станбен и деловен простор и за празници. Владејачкото мнозинство вчера цел ден тврдеше дека предлогот за намалувањето на студентските такси е само опозициско додворување на граѓаните. Од денеска натаму ќе се расправа и за измените на законите за минимална плата, за работни односи, за пензиско и инвалидско осигурување, како и на законот за вработување и осигурување во случај на невработеност. Иако не очекуваат овие иницијативи да поминат, од СДСМ велат дека нема да се откажат и најавуваат дека наскоро повторно ќе предложат закони кои се важни за граѓаните. |