06.03.2012, 17:57 Разрешени менаџерите на Детска клиника
Поради нехигиена во установата, министерот за здравство Никола Тодоров вчера ги разреши двајцата менаџери на Детската клиника, Ацо Костовски и Африм Сулејмани. Ова е исходот од вонредниот инспекциски надзор што го направиле Државниот санитарен и здравствен инспекторат и вработени во Министерството за здравство во 10 јавни здравствени установи.
„При повеќе инспекциски надзори, Детската клиника покажа голем број слабости. Според анкетите спроведени на терен во здравствените установи, Детската клиника стои најлошо во 18 прашања за хигиена, болнички соби, санитарни јазли, начин на организација на шалтер, љубезност на персонал“, рече Тодоров.
Вонредна контрола имало и во Градската општа болница „8 Септември“, Специјална болница за гинекологија Чаир, клиниките за психијатрија, за кожни болести, хематологија, токсикологија, инфективни болести, неврологија и КАРИЛ. Мерките за подобра хигиена вродиле со плод, е генералната оцена. (Ј.Ј.) |