06.03.2012, 17:57 Пензионер нема да може да раководи со комори од здравство
И покрај укажувањата на опозицијата дека е неуставно, собраниската комисија прифати со коморите да раководат само вработени лица
Јасмина Јовановска
Пензионер нема да може да биде претседател на коморите од здравствен��от сектор, како Лекарската, Стоматолошката и Фармацевтската комора. Оваа измена во Законот за здравствена заштита вчера беше усвоена на собраниската Комисија за здравство. Не беше прифатен предлогот на опозицијата да се избрише овој член, бидејќи смета дека е неуставен и дискриминаторски. Беше усвоено решението на Министерството за здравство претседател на коморите да може да биде само вработено лице. Моментално со Лекарската и со Стоматолошката комора раководат лекари во пензија.
И покрај укажувањето на пратениците од СДСМ дека со озаконување на условот за претседател, власта ќе ги замолчи коморите, позицијата и Министерството сметаат дека еснафот нема ограничување сам да си избира претседател, зашто тоа е регулирано со статусот на коморите.
„Ако треба да се менува услов за претседател, тоа треба да го прават коморите преку своите статуси, бидејќи се посебни правни субјекти, а не да им се наметнува нешто со закон“, рече Ана Павлова-Данева. Тоа што овој услов важи само за претседателот, а не и за другите тела на коморите, отвора сомневања дека ова решение е со цел власта, по синдикатите, да ги стави под контрола и коморите, сметаат од опозицијата.
Идејата за министерот за здравство Никола Тодоров не е да се омаловажат пензионираните лекари или да се меша во работата на коморите, туку да се регулира и ова прашање, посебно што коморите имаат пренесени јавни обврски од државата. „И во коморите од другите дејности е регулирано ова прашање“, рече Тодоров на што му реплицираше Павлова-Данева дека тоа не е направено со закон, туку со статусот на самите комори.
Од предложените 170 амандмани, од кои досега се поминати 145, прифатени се 52. Од нив десет се од опозицијата, 25 се на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а 17 се заеднички предложени на самата комисија. „Не е прифатен ниту еден амандман на СДСМ поврзан со клучните забелешки, како онаа дека здравствените работници не треба да бидат јавна служба, да не се меша основната плата со успешноста, како и за дополнителната дејност што надвор од матичната установа ќе може да се врши само во друга установа која врши иста дејност“, изјави Менде Диневски од СДСМ. |