Били Ајдол
Идолизиран бунтовник со причина

Били Ајдол е икона од 80-тите години на минатиот век, кој мина низ вистински животен вител и низ многу нагорнини и удолнини
Александар Митевски
Конечно, се оствари одамнешниот музички фетиш на повеќе генерации, кои посакаа да го видат нивниот рокенрол-херој или ако сакате, камен-темелникот на поп-панкот, кој иако во одминати години, сепак, е уживање од повеќе димензии, кое не смее да се пропушти. Били Ајдол е икона од 80-тите години на минатиот век, кој мина низ вистински животен вртлог и многу нагорнини и удолнини, живеејќи на работ од животот успеа да отвори уште едно поглавје од својот живот и кариера со повторното концертно активирање со својот гитарски пајташ Стиви Стивенс.
Во годините од ерата на 80-тите години кога буквално царуваа гигантите, како што се Мајкл Џексон, Принс, „Дјуран Дјуран“ и други и не се симнуваа од екраните, ова жестоко момче најде вистинска формула да ги земе успешните рецепти од нив и да им даде своја остра и жестока димензија. Цврстината на звукот и бунтовничкиот израз и контроверзии го направија честопати оспоруван, но ултра популарен лик по кој врискаа девојките. Кон средината на 70-тите години тој започна со бендот „Генерација икс“, како еден од првите панк-бендови во Британија заедно со Тони Џејмс и Џон Тоув. Овој влијателен бенд се распадна во 80-тите години поради ненадминливи разлики во гледањето на музиката и најмногу поради фактот што бендот сакаше да и' остане лојален на панк-музиката, а дел од нив сакаше да кокетира со хардрок-музиката. Како и да е, тоа беше вистински пресвртнички момент за немирниот Били и за неговата соло-кариера во САД, што беше пресудно во неговата кариера. Тони Џејмс подоцна ги формираше „Сигуе сигуе спутник“ и настапуваше со бендови како „Систерс оф Мерси“, а Чајмс им се врати на Клеш. Били по својот соло-проект најмногу внимание заврте кон себе со каверот на својот матичен бенд „Dancing with myself“, а ѕвездата на 80-тите се роди откако го издаде своето првенче каде што се најдоа легендарните White wedding и Hot in the city. Во својот живот како на филмска лента, Били се пробал и како актер, и тоа на филмот за Дорс од 1991 година во една споредна улога. Тој беше пред навистина голема филмска кариера откако славниот Џејмс Камерон го посака да го игра роботоидниот негативец во серијалот „Терминатор“, но судбината сакаше да биде оневозможен поради тешката сообраќајка во која можеше да ја загуби ногата. Како утеха, тој се појавува на крајот на филмот играјќи се себеси. Поради таа несреќа во спотот за Cradle of love му е сниман само горниот дел од телото, затоа што надолу бил привремено парализиран, а привремено слепило му се појавило за време на снимањето на спотот Esec without a face. Don’n you about forget about me е хитот од 80-тите години, кој му беше понуден за да го отпее, но тој, за жал, го одби. Некаде во 2001 година ја исправи таа грешка правејќи кавер-верзија.
о однос на звукот на Били Ајдол, тој неодамна ги врати убавите времиња со реизданието на своите најголеми хитови, песни што и' припаѓаат на златната ера на музиката од 80-тите години и во неговото творештво засекогаш ќе бидат забележани извонредните експериментални мешавини на поп и рок со многу игриви моменти. Ајдол во своите песни употребуваше жестоки хардрок-рифови, а ги украсуваше своите песни со сајзери, правејќи ја таа продукција моќна и напредна во тоа време.
Во неговото повторно активирање и оваа турнеја Били е вистинско ангажиран и посветен да го даде максимумот во својата свирка, а легендарната екипа што ја има зад себе навистина ветува вонсериска с��ирка и забава. Медиумските куќи веќе лицитираа со рајдер-листите што ги барал популарниот панк-рокер и неговата музичка дружина за концертите на Балканот, но судејќи според се', изгледа дека во Скопје тој бил и најскромен во своите побарувања. По шокантните листи со барање шест литри бунарски води од Фиџи, кремови од јагоди со 26 витамини, бадеми со васаби и ред други ексцентричности, судејќи според најновите инфомации, тој бил навистина прибран во своите скопски желби, насочувајќи се комплетно кон нашето пиво. За него се вели дека е вистински фанатик на здрава храна и тоа ја објаснува вонсериската енергија и експлозивност што ја има на своите настапи. И неговиот бенд обожава органска храна, која моментално е тренд во светот и тука се споменати многу органски марифети од типот на чаеви, салса и свежи сокови.
Но, се чини неговата најголема опсесија во животот е што Били е непоправлив моторџија и љубител на брзините. Овој британски панк-рокер неодамна во функција на својата турнеја довозе во Москва со неговите моторџиски пријатели Harles riders. Таму тој бил угостен од неговите домаќини мотоклубот Night wolves, и покрај заморот, успеал и да отпее нешто со рускиот бенд „Малстрем“ и да се забавува во клубот до 4 по полноќ. Најмладите посетители биле вистински вудовидени како овој 55-годишник се забавува и го живее животот.
Посебен филинг и специјална тежина на неговите настапи му дава присуството на неговиот вечен придружник, гитаристот Стив Стивенс. Тој во јавноста го има приматот на врвен светски гитарист, кој никогаш не бил толку експониран во самиот комерцијален врв, иако е долги години присутен на сцената. Негов најголем момент во кариерата и биографијата, секако, му е епитетот на десна рака на Били Ајдол во неговите најголеми музички успеси и од него се отсвирени легендарните Rebel yell, White wedding и Speed... За него е интересно што во хардрок-музиката [to ја свири вметнува понекогаш и фламенко мотиви, а овој мултиинструменталист свири и на бас, калвијатури и сајзери. Тој е врвниот соло-гитарист на инструменталот „топ ган“, а соработувал досега и со Дрим Тиатер, па се' до Мајкл Џексон. Овој гитарски брилијант е школуван музичар и свири на познатиот Хамер Стив Стивенс 1 и 2 модел, Џибсон Лес Пол, Вошбрн, а интересно е што работеше на производство на познатите таканаречени Ребел сел магнети. Светот и еснафот ќе го запамети по употребата на таканаречениот ефект Raygun со посебна пикинг-техника што го прикажа во хитот Rebel yell.
Несомнено, се работи за настан што ќе го одбележи ова музичко лето кај нас и со скопскиот концерт на 20 јуни започнува ова балканско музичко крстосување на Били и екипата. Веќе следниот ден тој ќе има концерт во големата белградска „Арена“, а следниот ден е во Загреб каде што ќе свири во рамките на „Т-мобиле ин мјузик фестивалот“. Патешествието барем за овој дел од Европа завршува со словенечкиот концерт во Тиволи на 24 јуни, а гостувањето на овој легендарен музички лик поведе и огромна лавина кај нашите реномирани ѕвезди, кои со нетрпение го очекуваат неговото доаѓање и песните што се вистински лектира за повеќе генерации на рок-музичари.
Атентичен и впечатлив
Дани
Со оглед на тоа дека Били е моторџија, дека концертот е на Кале и тоа веднаш по мотособирот, јас сум пресреќна, бидејќи коцките се наместени по мој терк, така како што сакам да биде! Тоа е вистинската комбинација! Били Ајдол е ѕвер, друго е се' излишно! Едно големо фала за можноста да се слуша овој човек во својот град! Се гледаме на Кале!
Драган Б. Костиќ
Бунтовник со причина, со лик и убедување, со боречки стаж со каков што ретко некој од првиот панк-ешалон може да се пофали, денес се' уште активен, и што е уште позначајно - актуелен кај генерации кај кои е само прераскажуван и како лик доживеан преку восхитот на претходните. Се' што може да понуди агресивната бунтовна младост и да истрпи е дел од неговото искуство вткаено во една непредвидлива и, за жал, можеби не максимално остварена кариера. Непромисленост, повреди, инает, судири со законот и со самиот себе, не ретко го оддалечуваа од патеката кон естрадниот Олимп, на пат кон кој палеше видни факели што го означуваа неговото присуство низ просторот и времето. Со низа неминливи рефрени и автентични впечатливи рифови ја креираше сликата за себе онаква каква што другите сакаа да ја видат, која не е само одек на времето, туку и урнек за оние што доаѓаат. Четврт век по својот миг, тој е се' уште енергија во движење што инспирира, и мора да се признае, подмладува. Поддржан од гитарскио�� маг Стив Стивенс, тапанерот на Стив Ваи - Џереми Колсон, некогашниот клавијатурист на Дрим театар - Дерек Сериниан, како и новиот гитарист Били Морисон и басистот Стефен Мек Грат, Скопје ќе може да види и да слушне ретко квалитетна музичка репрезентација на чело со (не смее да се заборави, 55-годишниот) Били Ајдол. Сигурно една од највпечатливите, (а верувам и најенергични) претстави кога и да е кај нас.
Бени
Били Ајдол за мене е основоположник на поп-панкот и цело време се движи тука негде меѓу поп-музиката и пункот, кој во време на појавата со неговиот матичен бенд Generation X како правец беше на самиот врв во музичката индустрија! Исклучително влијателен во 80-тите години како музичар и пејач, доста контроверзна личност, сопственик на хитови како Sweet sixteen, Flash for fantacy, каверот на Дорс и L.A. Woman, Mony Mony, Rebel Yell итн! Голема пауза направи во 90-тите години поради проблеми со дрога, недостиг од енергија и идеи ама стар волк не се повлекува така лесно се враќа и сега е актуелен неколку години. Со неговиот банд свират разорно моќно, тие се подготвен и цврст банд, но најголем шмек му дава неговиот долгогодишен пријател и гитарист Стив Стивенс, кој е гитарска легенда и сам по себе претставува бренд во музичкиот свет! Се радувам на нивното доаѓање
Гаро Тавитјан јуниор
Били Ајдол е рок-легенда и, всушност, панк, бидејќи беше и коосновач на една легендарна група со која почна и дефинитивно е една од интересните и контроверзни артисти, чија кариера е толку богата од соло-албуми до учество во неколку филмови како споредна улога до самиот факт дека по тешка сообракајна незгода и под притисок на доктори и менаџери да закрепнува тој, сепак, го изнесува на површина целиот проект што бил планиран, т.е албум и турнеја што е за почит. Култен лик во својот домен и пошироко и апсолутно енергичен пристап практицира и кон музиката и кон сцената.
Ѓоко Танески
Тој е, дефинитивно, еден од моите омилени пејачи кога станува збор за тој стил на музика. Неговиот глас и појава се навистина експлозивни и тој човек носи огромна енергија, а тој набој се чувствува секојпат кога и се отпее песна од него. Искрено, нетрпелив сум да дојде 20 јуни за да можам да се опуштам од сите стресови и да уживам во неговите најголеми хитови.
Тијана Дапчевиќ
Били Ајдол вистински и во секоја смисла ја одбележа мојата младост и воопшто помогна во формирањето на мојот музички вкус. Освен музиката и големиот број хитови, својата заслепувачка појава и енергијата што ја носи, го сакам и затоа што како никој знае да ја искриви устата и да биде секси во исто време.
Кристина Арнаудова
Како некој што не пропушта добар концерт, кај нас и во странство, на овој концерт посебно му се радувам од неколку причини. Прво, се работи за артист што има оставено неверојатен опус на хитови, второ, неверојатно, е позитивен и енергичен на сцена (што јас особено почитувам) и трето, со него доаѓа неверојатниот Стиви Стивенс и музичари, кои сами по себе, се шоу! Сево ова ветува нешто врвно!
|