Едиторијал
Записите како наjголем бизнис
Нина Нинеска-Фиданоска
Каква е таа држава во која најдобро разработен и вносен бизнис не се компјутерите, прехранбената индустрија, фармацијата..., туку замислете, благајничките и државните записи?
За оние за кои овие термини се оправдано здодевни, само кусо би појасниле дека тоа се хартии од вредност преку кои Народна банка на Македонија и Владата се задолжуваат кај домашните банки, се разбира, за одредени камати. Различна е целта зошто централната банка и државата посегнуваат по овие инструменти. Монетарната власт тоа го прави за да управува со ликвидноста на банкарскиот систем, а Владата го практикува кога снемува пари во националниот буџет, па преку зајмувања ги крпи дупките што тековно и' се појавуваат.
Без разлика кому и зошто му требаат, на нашите банки многу им легнаа овие записи. Бидејќи тие имаат пари, и тоа многу пари, комотно си ги вложуваат токму во записи.
А зошто да не, кога се сигурни сто отсто, бидејќи за нив гарантира никој друг, туку државата лично. На шега велат дека само ако државата пропадне, на банките ќе им пропаднат овие пари. И не само тоа, туку записите носат и одлични приноси, па и покрај сите намалувања што ги претрпеа во неколку наврати, даваат солидни пет отсто годишна камата. Подобро, здравје. Ем солиден профит ем максимална безбедност. Затоа нашите банкари ги преферираат записите место парите да ги пласираат како кредити кај компаниите и кај граѓаните.
За нив не беше доволно ни последното драматично спуштање на каматната стапка, која се сведе на речиси историско ниско ниво од пет проценти. Банкарите на ваквиот потег на првата монетарна куќа креваат раменици и велат дека едноставно не се создадени услови за поевтини кредити. Тоа ќе се случело само ако се релаксирале и другите елементи на монетарната политика, пред се', ако НБМ ја намали и задолжителната резерва, која со сегашното ниво е голем трошок за банките.
И можеби нашите банкари, колку и да не ги сакаме и да ги нарекуваме со погрдни имиња, се навистина во право. Тие си имаат приватни газди, а газдите како газди, ги интересира само профит, безбедност и ништо поразлично од тоа. Не се тие виновни што компаниите и граѓаните во земјава се исцедени до максимум, па буквално се тепаат за банкарските кредити, колку и да се скапи, неповолни и какви ли уште не.
Но, тука сами по себе се наметнуваат неколку клучни прашања. Првото, секако, е зошто нашите монетарни власти навистина не олабават докрај, зошто не ја спуштат и таа фамозна задолжителна резерва, па да видиме тогаш дали банките навистина ќе го одврзат кесето или и натаму ќе наоѓаат изговори за да не ги поевтинуваат заемите.
Одговорот е повеќе од јасен, а НБМ тоа воопшто и не го крие во своите досегашни соопштенија - ризици се' уште постојат. Грчката финансиска криза е само еден од нив. Голема опасност, секако, се крие и во владината фискална политика, или прецизно во празниот буџет од една страна, и владините мегаломански трошења, од друга. Колку декларативно и да се залага за буџетска дисциплина, Владата покажа дека никако не сака да се откаже од своите духовни и непродуктивни апетити, од спомениците... и воопшто, од сите популистички издатоци што од поодамна си ги замислила. Како нашата власт многу да не ја засега тоа што не може да собере доволно даноци за да ги покрие тие расходи. Напротив, си тера по свое, а дупките сосема уредно си ги пополнува преку државните записи, задолжувајќи се до небо и трупајќи го јавниот долг.
А друга работа е зошто нашите фирми се толку исцицани и просто молат за кредити, и тоа не за да инвестираат, туку за да преживеат, само колку да не стават клуч на врата. И молат записите малку да оладат, да остават простор за нивно кредитирање. Ама, за жал, нема кој да ги послуша. |