Интервју: Нено Белан
Ненадминлив шмек на искусниот морски волк

Заштитен знак на групата „Ѓаволи“ беше и остана Нено Белан, кој и денес има активна музичка кариера
Валентина Тодоровска
Сите што го познаваат светот од 80-тите години на минатиот век знаат каков музички афродизијак беше групата „Ѓаволи“. На нивната музика и најобичните очи добиваа „морски блесок“, па ништо чудно што „Бамбина“, „Остани уз мене“, „Дани љубави“.., станаа задолжителен репертоарот на секој етаблиран Дон Жуан. Асоцијација на море, сонце и љубов.
Шегата настрана - и да не сте носталгични, сигурно се сеќавате на Нено Белан и на неговите другари од групата.
Нено и по „Ѓаволи“ има активна кариера - веќе 13 години настапува со „Фиуменси“ и како вистинска зодијачка Водолија љубовта ја гледа и во пријателите, семејството, храната... Без оглед на секојдневните обврски, исконтактиравме електронски, брзо и експедитивно.
Последната убава работа врзана за тебе и за твојата музика се музичките награди „Порин“ што стигнаа на адресата на Нено Белан. Како „стариот волк“ реагира на признанијата, колку ти значат и дали се финансиски исплатливи?
- Ми значат, секако, во морална смисла најмногу, ласкаво е да се добие награда и признание од колегите од истата струка. Тоа е убаво чувство и мене како и на многумина, ми годи. Финансиски, наградите немаат некое поголемо влијание.

Патуваш, имаш активна концертна кариера. Колку често настапуваш во градови од бившите ЈУ-простори? Што е со Македонија, каква е твојата претстава за нас, за нашата музика?
- Да, вистина, одработувам околу 80 концерти годишно плус фестивалот „Порин“, телевизиски емисии и слично. За жал, Македонија е единствена земја од бившата Југославија што не ја посетив, а се надевам дека ќе го направам тоа наскоро. Македонската музика ја познавам во некакви рамки и мис��ам дека сте многу музикален народ, исто како и ние Далматинците. Многу ја сакам вашата етномузика... Сега, поточно на 1 јули, во Белград во СКЦ ме очекува концерт, средба со тамошната публика што особено ме радува.
Албумите ги правиш лезетски, последниот - по пет години пауза. Ме интересира, што се случува во меѓувреме, постојат ли креативни паузи?
- Се разбира, но бендот никогаш не паузира, постојано сме во погон, на патувања и со концерти. Сметам дека на младите изведувачи им требаат албуми секоја година за да го оформат репертоарот. Во мојот случај, пологично е да се работи поспоро.
Во 80-тите години од минатиот век се живееше многу поинаку, се чини, креативноста и музиката ја живееше својата ренесанса. Шта мислиш за тоа време, колку ти е носталгично и какви асоцијации имаш кога ќе се спомне групата „Ѓаволи“?
- Беа тоа фантастични години. Навистина убава младост и среќен сум што токму тогаш имав можност да живеам и да работам. Носталгија постои ама јас сум многу реален и свесен дека живеам сега, во ова време и така и се однесувам. „Ѓаволи“, тоа е мојата преубава младост со нив ги постигнавме првите успеси и тоа создава носталгија кон едно посреќно време...
Ќе се собирате ли вие повторно? Песните „Стојим на кантуну“, „Сунчан дан“„Остани уз мене“,„Бамбина“.., се полни со емоции, нумери за душа што тебе ти го направија местото во естрадата. Зошто групата се распадна, дали комуницирате денес како постари, позрели и можеби поинакви?
- Немаме намера повторно да се собираме затоа што сега соработувам, исто така, со одличен бенд „Фиуменс“, совршено функционираме, свириме, работиме, освојуваме награди, едни сме од најсилните во Хрватска. Исто така, го изведуваме и репертоарот на „Ѓаволи“, но тим што добива не се менува. „Ѓаволи“ се распадна во војната, денес сме во добри односи, се слушаме и се гледаме одвреме-навреме. Еден е бизнисмен во Сплит, вториот е „сина кацига“ во Грузија, третиот е наставник по музика во Метковиќ, четвртиот има бутик за детска облека во Стариград на Хвар.
Уште нешто за „Фиуменси“? Колку си одговарате и како луѓе и како музичари и дали грешиш во проценката на луѓето?
- Со нив сум веќе 13 години и тоа во истата постава - Лео Румора, тапани, Ведран Крижан - клавијатури, Оља Десиќ - бас и јас на гитара, и што е многу убаво сите четворица убаво пееме... Работата со музичари за мене како шеф на бендот значи ментално балансирање, понекогаш акробатско за да оптимално задоволам секого од нив, а сите се карактерно сосема различни. За возврат и како награда од тој неконвенционален начин на животот проникнат со волшебниот свет на музичката уметност добиваме максимална награда од публиката.
Твојот начин на пеење и музиката слободно може да се нарече „Белановски правец“- има ли некои нови момци што се обидуваат да те имитираат? И што велиш на податокот дека и нови и стари момци се' уште се бакнуваат на твоите песни?
-Тоа и е она најубавото кога ќе видиш некои нови момци, кои без проблем пеат песни што настанале пред да се родат. Тогаш срцето ми е големо. Нема награда што е повредна од тоа. Или, да речеме, кога ќе ми пријде некоја постара двојка која ќе ми каже дека прв пат се бакнале на мојата песна „Вино на ноќта“, а денес се' уште се заедно и имаат две деца.
- Во однос на имитациите, мислам дека е тешко, барем досега немам слушнато никого што се обидува во таа насока.
Со оглед на тоа што поголемиот дел од твојата публиката се женски, а ние по интуиција го знаеме патот до вистината, како балансираш меѓу романтиката и баналноста?
- Балансирам така што едноставно пишувам со срце, го пуштам да зборува од мене и да раскажува за моите емоции. Главно, проживеани...
Ти си професионален музичар и се' што работиш има врска со музика. Како се живее од неа, се зборува (пишува) дека имаш интересна колекција на гитари... Од што најлесно ќе се откажеш за да набавиш нешто музичко?
-Така е, живеам исклучиво од музиката. Од неа некои живеат подобро, некои полошо. Имав и лоши периоди во кариерата, но последните неколку години не можам да се пожалам... Да, имам збирка од 10 убави и мене драги гитари. Од што најлесно се откажувам? Од се' ако треба, музиката, дефинитивно, ми е во прв план. Да си профи во музиката денес значи целиот живот да го посветиш на музиката, односно да живееше од неа. Се' друго се речиси минорни активности. Во мојот случај тоа значи од 60.000 до 80.000 километри годишно од 2.000 до 3.000 куни за телефон, работа во студио...
Често добиваш комплименти на сметка на свирење гитара. Идоли?
-Благодарам . Не се сметам за гитарски херој и виртуоз, иако мислам дека убаво свирам и дека успеав да изградам препознатлив стил и звук. Пред се', јас сум кантавтор и во прв план ми се песна и пеење со ритам гитара... Мој��т главен пример е Џорџ Харисон, а тука е и Дејвид Гилмор.
Со оглед на твојата преокупација со музиката, претпоставувам дека ги преспиваш утрата. Откога не си го започнал денот, да речеме, од 7 часот наутро?
- Од времето кога одев на факултет.
По Сплит се вгнезди во Риека. Зошто? Што има Риека, а нема Сплит? Што мислиш за твоите колеги, кого сакаш да слушаш?
-Во Риека се вгнездив од приватни причини и тука го најдов мирот. Риека е многу пријатен град за живеење. За своите колеги имам убаво мислење, со никого не сум во конфликт, друштвен тип сум. Риечката сцена е специфична затоа што е рокерска и урбана, ама, од друга страна, лесно е музичка. Го сакам вокалот на Урбанм лудилото на Лет 3, но и шлагерите на сер Иво Робиќ, феноменалното пеење на Радојка Шверко, интересен ми е Марко Тоља ...
Како гледаш на трендовите, и колку бргу се приспособуваш? Компјутер, мејл, „Фејсбук“, „Твитер“..?
- Во хороскоп сум Водолија и луд сум по техника, така што ги користам апсолутно сите погодности што ги носат тие работи. Патем, по струка сум и електроничар.
Еми Вајнхаус или Лили Ален?
- Еми.
Со годините и со искуствотото се менуваат луѓето и нивните приоритети. Што ти е денес најважно?
- Размислувам и внимавам. На пример, се трудам да внесувам здрава храна, се рекреирам и се обидувам да го надитрам стресот.
Што е за тебе убав и сончев ден, и правиш ли долгогодишни планови?
- Не, не правам планови подолги од еден или два месеца однапред. Така сум свој на свое. А убав и сунчев ден? Хм, како најпознатиот хит на Нено Белан.
Колку вие луѓето од морето се разликувате од нас, континенталните типови?
- Не многу, освен што што подобро пливаме и едриме.
Да завршиме романтично. Љубовта навистина го движи светот. Колку си пребирлив во љубовта, што ти е потребно да речеш - е јас сум навистина среќен човек?
-Тоа е прилично етерично прашање, љубовта ја доживувам како многу поглобална работа, не само меѓу мажот и жената. Љубовта може да се консумира и на разни други начини, преку фамилија, музика, пријателство, храна, патувања и таа, дефинитивно, е движечка сила во животот на луѓето. |