Србија на се' или ништо против Германија

По поразот од Гана, Србите мора да се вада�� против тимот што беше супериорен на стартот
Србија знае дека има малку место за грешка по поразот на стартот од Светското првенство и ја предупреди Германија дека нема да биде лесен залак во меѓусебниот дуел од второто коло во групата Д денеска од 13,30 ч. на стадионот „Нелсон Мандела“ во Порт Елизабет. Германија ја „прегази“ Австралија со 4:0 во својот прв натпревар, а Србија загуби со 1:0 од Гана и потребна и' е победа над трикратниот светски шампион за да си ги врати шансите за вториот круг.
„Тие имаат дузина сестрани фудбалери и тешко е да се запрат, но ние нема да бидеме лесен залак“, порачува крилото Зоран Тошиќ, кој би можел да биде зачинот во српскиот напад против „панцирите“. „Повеќе нема место за грешка. Мораме да покажеме од што сме направени“.
Селекторот Радомир Антиќ ќе го постави Невен Суботиќ во централниот дел од одбраната како замена за суспендираниот Александар Луковиќ, кој беше исклучен против Гана, кога доби два жолти картона.
„Суботиќ е природна замена за Луковиќ и јас сум убеден дека добро ќе ја заврши работата во битката за опстанок против Германците“, вели Антиќ.
Здравко Кузмановиќ, кој го направи пеналот во финишот од мечот против Гана, најверојатно ќе го замени неефикасниот Ненад Милијаш во обидот на Србија да ја оствари првата победа над една од највисокорангираните репрезентации во светот по раздружувањето со Црна Гора.
Од друга страна, германскиот селектор Јоаким Лев најверојатно ќе се определи за истиот тим што ги скроти „кенгурите“ и што ги замолчи многуте критичари, кои однапред го отпишаа младиот тим, во кој згора на тоа го нема и капитенот Михаел Балак поради повреда. Бастијан Швајнштајгер ќе биде подготвен и покрај настинката и ќе треба да ги поврзе редовите во средината на теренот заедно со Сами Кедира, кој ја остварува улогата на Балак во центарот.
Германците се очекува да играат малку позатворено отколку на дуелот со Австралија, кога го покажаа сиот свој напаѓачки потенцијал. Тие се свесни дека влогот е голем за Србите и се подготвуваат за императивниот напаѓачки пристап на противникот, чијшто „џин“ Никола Жигиќ ќе биде најголемата закана од тимот кој Германците го сметаат за различна класа од Австралија.
„Имаат добра одбрана, со многу искусни фудбалери. Нивниот среден ред е многу умешен, а сакаат да играат и преку крилата“, коментира германскиот помошник-тренер Ханси Флик. „Нашиот состав е многу млад, но тие се млада генерација што е крајно самоуверена, која знае точно што сака. Србија ќе игра како ова да и' е последната шанса да остане на шампионатот. Затоа, треба да бидеме претпазливи како јастреби“. (Р.Д.) |