Стомачните инфекции ги кутнаа децата

Дневно во ординациите за помош се обраќаат ��о 10 возрасни, како и по шеесетина деца
Јасмина Јовановска
Со надворешните високи температури пламнаа и стомачните инфекции. Овие вирусни заболувања ги погодуваат сите возрасти, но најчесто цел на стомачните вируси се децата. Лекарите велат дека речиси нема семејство каде што најмалку еден член не добил стомачна инфекција. На удар се и лицата со ослабен имунитет. Дневно во ординациите на матичните лекари се прегледуваат и по десетина случаи, но, затоа, пак, чекалниците на матичните лекари се преполни со деца со симптоми на стомачни инфекции. Во ординациите на матичните педијатри во една смена се прегледуваат и по триесетина деца, а кај дежурните екипи во период од 8 часа, здравствена помош бараат и по шеесетина пациенти.
Бројот на заболените лица е далеку поголем, предупредуваат лекарите зашто не секој што се разболел од црвена инфекција се јавил на лекар. Голем број од заболените се лекуваат дома сами, пред се', возрасните зашто и терапијата за акутните цревни инфекции во најголем број се лекови што не се на товар на државата, објаснуваат лекарите.
Зголемената фреквенција на пациенти со акутни цревни инфекции, лекарите ја објаснуваат со покачените надворешни температури, кои се поволни за бактериите, но и за вирусите, кои се развиваат со невидена брзина. Не помалку влијае несоодветно измиеното свежо овошје и зеленчук, како и недоволно одржување на лична и на колективна хигиена. Ова посебно важи за децата што престојуваат во градинките.
Во скопските ординации ни потврдија дека на цревни инфекции се жалат и возрасните и децата. „Овие денови посебно е забележана зголемена фреквенција на деца што се жалат на повраќање, пролив и на висока температура, што обично се смирува за три до четири дена. Дневно се прегледуваат и по 20 до 30 деца. Посебно се погодени децата од предучилишна возраст, односно децата до пет години“, вели д-р Мими Апостолова од пол��клиниката „Јане Сандански“.
Со слични податоци се и лекарите од другите поликлиники. Тие велат дека децата се особено погодени зашто тие имаат намален имунитет и овие стомачни вируси во градинките лесно се пренесуваат од едно дете на друго зашто контактите им се блиски и играат со исти играчки.
Дел од болните, оние со потешка клиничка слика, завршуваат во болниците и во клиниките, каде што бројот на овие заболени и не е толку мал. Така, на Клиниката за детски болести, како што ни изјави д-р Ацо Костовски, дневно се прегледуваат и по 30 деца, кои по примената терапија дел се пуштат дома, а дел ако се со потешки симптоми, како почести дијареи, кои не се смируваат или, пак, температура, која е многу висока, тогаш се задржуваат на болничко лекување. Слична е состојбата и на Инфективната клиника, каде што иако доаѓаат пациенти со разни дијагнози, предничат оние со стомачни инфекции. „Иако е зголемена фреквенцијата на цревните инфекции, бројката не отскокнува од сезонската статистика на пациенти за овој период од годината“, вели д-р-Сања Маринковиќ, портпарол на Инфективната клиника. На Одделот за цревни инфекции, како што вели д-р Маринковиќ, има околу десетина деца со стомачни инфекции, што не е необично зашто кога високите температури ќе се искомбинираат со недоволната хигиена, стомачните инфекции пламнуваат.
Инфектолозите уште укажуваат дека без разлика дали цревната инфекција е во полесна или во потешка форма, болните мора да се јават на лекар за да се утврди какво цревно заболување е во прашање и да се даде соодветна терапија. За лекарска помош посебно треба да се обратат болните што имаат чести повраќања и проливи и тоа десетина за кратко време зашто таквите лица дехидрираат и треба да примаат инфузија. Ова посебно важи за малите деца, кои брзо дехидрираат и тешко ја враќаат загубената течност, објаснуваат инфектолозите.
Иако амбулантите се полни, од Скопскиот институт за јавно здравје велат дека бројот на стомачни инфекции во Скопје не е голем и се движи во сезонски рамки. Од почетокот на јуни, заклучно со 14 јуни се регистрирани околу стотина пациенти, додека во претходниот месец имало околу 260 болни. „Овие бројки се вообичаени за овој период од годината, а посебно што и надворешните температури нагло се покачија во последните десетина дена“, вели д-р Лазаревска, раководител на Епидемиолошкиот оддел од Институтот за јавно здравје во Скопје.
Институтот за јавно здравје на Македонија излезе со неделниот извештај, според кој, за една недела во цела земја се забележани 860 случаи со водена дијареа. Со новите случаи од почетокот на јуни досега се регистрирани околу 1.600 болни со водена дијареа, во кои се вбројуваат болни со дијареа од бактериско и вирусно потекло. Со вакви заболувања во мај биле евидентирани околу 2.600 болни. Во јуни лани биле забележани околу 1.000 случаи со цревни инфекции. Овие летни инфекции врвот на ширењето обично го достигнуваат во јули и во август, но оваа година, велат епидемиолозите, порастот на цревни инфекции почна нешто порано.
Освен лична хигиена и колективна хигиена, епидемиолозите советуваат да се консумира добро измиено овошје и зеленчук, на кое најчесто се лепат вирусите. За свежото овошје и за зеленчукот се препорачува и до половина час киснење во вода, додека, пак, за доматите и нивно лупење. Во градинките, пак, се препорачува децата почесто да ги мијат рацете, а овошјето да им се дава термички обработено. |