Мислења
Безбедносна стратегија за 21 век
Хавиер Солана
„Повторно во историјата на нашата нација Американците застанаа за да ги дочекаат и да ги обликуваат моментите на транзиција. Ова мора да е еден од тие моменти“. Така почнува „Стратегијата за национална безбедност на САД“, презентирана пред Конгресот на 27 мај. Како и со политиката што се водеше во 16-месечното работење на администрацијата на Обама - дијалог, меѓународни заложби, нуклеарно неширење и разоружување - силата на документот е во позицијата што ја зазема. Безбедносната стратегија е јасно отстапување од онаа на претходникот и нуди поширока концепција за тоа што претставува националната безбедност за американскиот претседател Барак Обама.
Соочен со големите предизвици на нашето време, Обама зазеде став со сеопфатна доктрина. Всушност, безбедносната стратегија речиси е „национална“ стратегија. Нејзиното размислување е над доминантната, унилатерална парадигма на нејзиниот претходник и опфаќа одбрана на меѓународното право. Тоа е особено важно со оглед дека ниту еден од големите договори за создавање меѓународен кривичен суд и постојан трибунал за воени злосторства не е потпишан од САД за време на претседателството на Џорџ В. Буш.
Пристапот на Обама кон безбедноста е поширок и се предлагаат „три фактори“ - одбрана, дипломатија и развој - како неразделиви делови од една целина. Воената димензија на интервенција во странство ја губи привилегираната улога, отстапувајќи простор за спречување конфликти и за мисии за одржување на мирот и за стабилизација. Во борбата против тероризмот, стратегијата се повлекува од предоминантното воено гледиште, што е основа за војната против тероризмот и прифаќа позначајна улога за разузнавачките служби. За првпат е дадена прецизна референца за луѓето што можат да бидат закана за американската безбедност. САД не водат војна против тероризмот, тоа е „војна против специфична мрежа, Ал Каеда, и нејзините партнери“. Во таа војна, информатичките ресурси се особено потребни.
Со цел да се гарантира националната безбедност, стратегијата категорично - без да се предаде на исушението за изолација - ја признава стратегиската вредност на примерот и значењето прво да се заврши работната задача. Обама јасно ги насочува интервенциите и за хуманитарни цели и за обид да се извезе демократија со сила. Нема подобар начин да се извезат вредностите на демократијата освен со внатрешно зајакнување на САД. Така, економска политика која се фаќа во костец со американскиот долг и дефицит, го сочинува главниот дел на стратегијата. Поддршката за конкурентно образование, иновации, технологија, енергија, поефикасен и попристапен систем на здравствена заштита, го дополнува и засилува лидерскиот пристап на Обама да даде пример со сопствена политика. Значаен пример е отстранување на американскиот затвор во заливот Гвантанамо од меѓународен заборав - една од неговите први иницијативи како претседател. Тој пристап нема едногласна поддршка кај меѓународните експерти. Двете главни критики - недостигот на стратегиска прегледност и помал акцент на класичните концепти на моќта - укажуваат на загубата на влијание, моќ и лидерство за Америка. Но, тие критики се одраз на неспособноста да се размиси за сегашната природа на вооружениот конфликт, кој веќе не ја следи класичната логика на воена победа или пораз.
Војната во Авганистан и комплексната ситуација во Ирак го нагласија значењето на еден сеопфатен пристап. Воената акција не може да се смета за единствена варијабла на успехот. Успешна стратегија треба да користи граѓански средства - случајно, модел за кој се залага Европската унија. Ние сме соочени со изготвување на нова долгорочна политика што влијае и на државите и на општествата. Таа задача бара трпеливост и стратегиска истрајност. Промените нема да се случат од денес до утре, но резултатите што се добиваат на крајот ќе бидат подобри и поистрајни.
Обама ја одржува идејата да се служи на историска мисија за САД: важната задача да се гарантира глобална безбедност. Но, за разлика од неговите претходници во Белата куќа, стратегијата за национална безбедност на Обама ги препознава вредностите на партнерствата, придава поголемо значење на граѓанската димензија наспроти воената и ги нагласува вредноста на дијалогот и потребата да се засилат меѓународните институции. Тоа е добар знак за свет со различни центри на моќта и интереси, при што ресурсите и законитоста остануваат врзани за националната држава, но предизвиците (климатски промени, вооружени конфликти, пандемии и транснационален криминал) се глобални и, според тоа, е потребна соработка меѓу земјите.
Ние сме во период на транзиција: меѓународното внатрешно поврзување се зголемува, како што покажа глобалната економска криза, но средствата за управување и механизмите за да се гарантира лесно функционирање на владите се' уште не се споделуваат. Новата стратегија за национална безбедност на Обама покажува политичка подготвеност да се поддржи меѓународниот поредок способен да се справи со предизвиците. Патот што претстои не е без тешкотии, но стратегијата е решавачки чекор за надминување на предизвиците на 21 век и наша подготовка за светот на иднината.
(Авторот е поранешен висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, поранешен генерален секретар на НАТО и претседател на Центарот ЕСАДЕ за глобална економија и геополитика) |