ТВ-фотелја
Фудбалски патрдии
Роберт Д. Крстевски
Британскиот телевизиски канал Ај-Ти-Ви го навлече гневот на армијата навивачи на Англија за време на натпреварот со САД на Светското фудбалско првенство во Јужна Африка. Сопственикот на ТВ-правата за Мундијалот со реклама го покри голот на Стивен Џерард во 4 минута, така што милиони гледачи покрај малите екрани на островот не го видоа водечкиот погодок на својата репрезентација. Ај-Ти-Ви се оправдуваше дека станувало збор за техничка грешка, но англиските љубители на фудбалот го потсетија радиодифузерот дека ист гаф направил и за време на меч од Купот на Фудбалската асоцијација.
Дознавајќи за јадовите на Англичаните, веднаш ми стана полесно. Значи, неможноста да видиш гол поради комерцијален оглас не била само наша привилегија. Ете уште еден доказ дека, полека но сигурно, се доближуваме до западните стандарди. Или, можеби, тие до нашите.
Море, далеку се тие и од нас и од нашите дострели во развојот на телевизиското новинарство. Уште многу вода ќе протече низ Темза додека се сетат, а камоли да ја применат ингениозната стратегија на Македонска телевизија за покривање спортски настан од ваков калибар. Додека сите телевизии на планетата, што барем малку водат сметка за сопствениот углед и за своите претплатници, со месеци детаљно се подготвуваа за најважното натпреварување во најважната споредна работа на светот, МТВ се даде на експериментирање и на импровизација. Ни повеќе ни помалку, токму за време на СП во фудбал државната телевизија реши да испроба еден куп почетници, некои од нив со познавање на најпопуларниот спорт во светот како моето од квантна физика или од одгледувањето раноградинарски култури на Антарктикот.
Место со некаква емисија во живо со експерти за разни аспекти на фудбалската игра или за придружните содржини на Шампионатот, адреналинот на гледачите непосредно пред првата средба го креваа со документиран историјат на светските првенства! Кому му е гајле што се случувало пред 50 или 70 години на еден час до стартот на настанот што со душа се чека цели четири години? Чувај боже, пак, да фрлевме поглед на пригодната програма пред мечот на домаќинот со Мексико.
На МТВ, сепак, сполај и' за можноста да бидеме сведоци на два исклучителни момента од дуелот меѓу Бразил и Северна Кореја. Првиот беше плачот на корејскиот репрезентативец Јонг Тае-се при интонирањето на химните пред почетокот на средбата, а вториот - радувањето како мало дете на стрелецот на почесниот гол за Северна Кореја, Џи Јун-нам. На почетокот од развојот на играта што ги плени луѓето на сите меридијани беа вообичаени сличните изливи на емоции на непосредните актери. Потоа дојдоа спонзорите, по нив обложувалниците и „се' отиде во Хондурас“, како во еден од хитовите на Балашевиќ.
|