Идната недела пад на температурата за 15 степени
Тропските горештини што дојдоа со бран од Африка се на заминување од Македонија, а студена воздушна маса од сев��р носи заладување и пад на температурите од 10 до 15 Целсиусови степени. Вчерашната максимална температура од 38 степени, веќе в понеделник ќе се спушти на 27 степени. Северен ветер заедно со студениот воздух ќе придонесе в среда максималната дневна температура повторно да се спушти и да се движи меѓу 16 и 23 степени.
Од Управата за хидрометеоролошки работи на Македонија соопштуваат дека викендов ќе биде врнежливо, а зголемената влажност во воздухот уште повеќе ќе го зголеми чувството на топлина кај луѓето за неколку степени повеќе од реалните надворешни температури. Метеоролозите уште денеска најавуваат пад на надворешните температури за цели шест степени, а максималната дневна ќе го достигне 32 степен, колку што ќе изнесува и утре и задутре.
„Подрачјето на Македонија во следниве денови ќе биде зафатено од нестабилна воздушна маса, која ќе предизвика честа појава на пороен дожд и грмежи. Поради големата енергија во атмосферата, локално ќе има појава на невреме со пороен дожд, силни електрични празнења и ветер, како и појава на град. Повремено врнежите ќе имаат пообилен карактер и на места ќе достигнуваат над 30 литри на квадратен метар. Во почетокот на идната недела ќе има позначителен пад на температурите, соопштуваат од УХМР. (Сн.К.) |