Грците во Битола само по бензин, друго не купуваат

Над 60 отсто од битолските трговци се пожалиле дека драстично им е намалена потрошувачката
Соња Маџовска
Над 60 отсто од битолчани се пожалиле дека драстично им е намалена потрошувачката од страна на грчките муштерии. Поради кризата Грците многу помалку пазарат во Битола, Струмица и во Гевгелија, освен што купуваат бензин. Значи, засега профитираат само бензинските пумпи во пограничните градови. Грците сега трошат во просек од 100 до 500 денари во кафулињата и во рестораните во земјава, а за друга стока, како што се текстил и храна, трошат од 500 до 1.500 денари. Тие во земјава најмногу пазарат во текот на викендите.
Ова се вели во најновото истражување на Центарот за економски анализи, според кое, локалната самоуправа од пограничните градови треба во соработка со бизнисот да најде начини како да ги задржи грчките купувачи, а во тоа може да им помогнат одржувањето промотивни акции и давањето попусти. Досега само 16 отсто од македонските трговци во пограничните градови ги намалиле цените на своите производи, додека најголем дел или над 80 отсто ги задржале исти.
Во истражување��о на ЦЕА се вели дека колку повеќе ќе се продлабочува кризата во Грција, толку повеќе ќе паѓа извозот на земјава. Најмногу ќе настрадаат текстилот, челичната индустрија и извозот на тутун. Македонските текстилци да почнат да градат брендови, а за извозот на челикот и на железото да се бараат нови пазари, порачуваат од ЦЕА. Тие имаат две сценарија колку овие гранки ќе ги чини грчката криза.
Според пооптимистичкото сценарио, годинава загубата ќе биде 20 милиони долари, до година 44 милиони долари, во 2012 година ќе биде 75 милиони долари, а минусот во размената во 2013 година би бил над 150 милиони долари. Според попесимистичкото сценарио, годинава загубата би била над 30 милиони долари, идната година 67 милиони, а од 2011 година натаму над 100 милиони долари.
Ефектите од грчката криза воопшто не се за занемарување и Владата треба да им помогне на најпогодените гранки, порачуваат од ЦЕА. „Повеќе од половина македонски текстилни производи или 58,7 отсто се пласираат на пазарот во Грција. Бидејќи реално немаме наш готов производ, туку само евтина работна сила, оваа ситуација треба да се искористи за, конечно, да се почне со развивање на македонски финални производи. Исто така, најголем пазар каде што се пласираат македонскиот челик и железо е грчкиот, учествувајќи со 18,5 отсто од вкупниот извоз на овие производи. Затоа извозот на челикот и на железото треба да се насочи кон пазарите во Турција, Словачка, Германија и во балканските држави“, се вели во истражувањето на ЦЕА.
Грција е убедливо на прво место од сите земји-увозници и на електрични апарати од Македонија и учествува со 28,1 отсто во вкупниот извоз, па и овие производи поради кризата кај јужниот сосед ќе мора да бараат алтернативни пазари.
Грчките инвеститори, како најголеми кај нас, нема да си заминат од земјава, проценуваат од ЦЕА, бидејќи имаат многу добри позиции на македонскиот пазар и, главно, држат монопол во одредени сектори. Но, не се очекуваат нови грчки инвестиции. Инаку, Стопанска банка, „Усје“, ОКТА, „Веро“, „Жито лукс“ се само дел од поголемите брендови, кои добро се закотвени на нашиот пазар и имаат добри профити. Затоа и аналитичарите не се сомневаат дека грчките инвеститори ќе си заминат од земјава, но поради кризата во нивната матична земја, таму ќе го испраќаат профитот, а и по други основи може да има одлевање на капитал како, на пример, давање кредити на нивните фирми-мајки. Според економските аналитичари, лани 75 милиони евра се извлечени од постојни странски инвестиции надвор, а за тоа најголемо влијание имаат токму меѓукомпаниските задолжувања. |