Лекција на понизност од земјата на скијачите

Швајцарија 105 години ја чекаш�� и ја дочека првата победа против Шпанија
Наум Котевски
Шпанија е во шок. Генерацијата најавувана пред Светското првенство како способна за историскиот успех падна на првиот тест. Пред неа се испречи Швајцарија и одличниот стручњак Отмар Хицфилд. Швајцарија дури во 19. меч против Шпан��ја ја запиша премиерната победа. Досега само три пати успеа да ремизира со актуелните европски прваци.
Затоа и не чуди што Германецот, Отмар Хицфилд, никогаш не бил посреќен.
„Ова беше историска победа на која чекавме цели 105 години. Секако, дека сум задоволен, тимот бараше начин како за време на сите 90. минути да остане компактен. Против Шпанија тешко може да се наметне сопствен стил на игра, бидејќи во евентуални контри би те уништила. Горд сум на својот тим. Голем чекор кон осминафиналето. Против Чиле не чека тежок натпревар и мора да бидеме сконцентрирани“, кажа Хицфилд, кој постави одлична тактика, со која го докажа студиозното проучување на шпанската игра. Тој на голот го имаше одличниот Диего Бенаљо, но со останатите им ја прочита на Шпанците лекцијата на ефикасност. Гелсон Фернандез за историскиот гол мораше да го натопи дресот со многу пот. Топката практично ја украде од нозете на Пике и од рацете на Касиљес, за потоа да ја прати во неговата мрежа.
Шпанските медиуми многу реално ја оценија играта на својата репрезентација, која имаше посед на топка од 63 отсто и 24 удари кон голот на Швајцарците.
Под наслов „Акција без реакција“ Ел Мундо донесува следен заклучок. „Шпанија по влегувањето на Торес и на Навас во вториот дел имаше посед на топка, но недостасуваше конкретност - едно загризување со кое би се дотолчиле Швајцарците. Навас делуваше по десната страна, но никаква корист од неговите продори. Играта едноставно не беше доволно брза и тоа мора да го поправиме, а дека лошите вести не доаѓаат сами покажа и повредата на Иниеста“.
Шпанските медиуми потенцираат и дека нивната репрезентација немала среќа. „Целта за титулата и натаму останува реалност, иако меѓу играчите сега владее голем песимизам. Лошата среќа и бедната партија се причините за шокантниот пораз. Нашите играчи беа апсолутни владетели со топката, додека Швајцарија беше фокусирана на својот гол, трпеливо чекајќи ја шансата за контранапад. Тоа беше еден многу лош ден, а тоа не мора да значи дека во таков тон ќе помине првенството“, пишува „Ас“.
Селекторот Дел Боске сега е на маки. Ја имаше таа несреќа да го наследи Луис Арагонес по освојувањето на европската титула и сега на ова СП треба да го продолжи неговиот успех.
Но токму од Арагонес не доби поддршка. „Шпанија мораше да нападне од првиот свиреж, а играчите не се движеа доволно добро без топка“, кажа Арагонес и додаде: „Не се сложувам со Дел Боске тандемот централни дефанзивци да биде Алонсо - Бускетс. Победи поорганизираниот тим, а не подобриот. Тоа не смее да ни се случува во иднина“, потенцира Арагонес.
Самиот Дел Боске призна дека ова е шокантен резултат, но напоменува дека Мундијалот не го прави само еден натпревар: „Овој пораз е изненадување. Баравме победа, но не беше наш ден. Многу беше битно да славиме во првиот натпревар, но не успеавме. Сепак, ова е СП и барем три меча“.
Како и да е, Шпанија им се придружи на многуте европски прваци кои не победиле во првиот меч на светските првенства. Тоа го направија само два европски првака на последните осум Мундијали што претстоеле (Франција 1986 и Германија 1998). |