Од стручен агол: Ивица Осим
Парите и тактиките го убија фудбалот

Ивица Осим
Љубителите на фудбалот во Македонија, особено оние од постарата генерација сигурно се' уште се сеќаваат на фудбалскиот виртуоз со топката, „Штраус од Грбавица“ како што го нарекоа новинарите еден од најдобрите фудбалери, не само на Железничар од Сараево, туку и во поранешна Југославија, Ивица Осим. Ја водеше репрезентацијата на Југославија до четврт-финалето на Светското првенство во Италија во 1990 година, кога „сините“ несреќно загубија на пенали од Аргентина. Беше тренер на Партизан, Панатенаикос, со австрискиот Штурм играше во Лигата на шампионите, до 2007 година беше и селектор на репрезентацијата на Јапонија, но поднесе оставка поради сериозни здравствени проблеми. Денес живее во Сараево, а за јапонската телевизија ги коментира натпреварите од Светското првенство во Јужна Африка.
Осим за „Утрински весник“ го коментира прикажаниот фудбал по првото коло на светскиот шампионат?
„Според она што го видов во првото коло јас сум разочаран од прикажаниот фудбал. Гледате каков фудбал се игра, со многу тактизирање, калкулации, дефанзива, сите играат со желба само да не загубат во тој прв круг и да се пласираат во втората рунда. Некако се' е подредено на парите, влогот е навистина голем. Никој не сака да ризикува, ниту фудбалерите, ниту репрезентациите, тренерите, спонзорите. Парите во сегашниот момент во Јужна Африка се најголемиот противник на фудбалот, со еден збор тие го убија. Досега имаше неколку изненадувања, пред се', поразот на Шпанија од Швајцарија. Но, дали е тоа изненадување. Шпанците играа под голем притисок, допатуваа како најголеми фаворити за титулата, но се' покажа дека се мошне ранливи ако први примат гол. Освен тоа, не прикажаа игра како што се очекуваше од нив како европски прваци. Што играа? Ништо! Со нафрлени топки пред голот на Швајцарија, која последниве години го сврте вниманието со своите успеси“.
Осим вели дека овој шампионат е борба на малите против големите, поточно на богатите против сиромашните. Минаа оние времиња кога се знаеше кој е кој во фудбалот, со мали исклучоци. Денес сите напредуваа, сите трчаат, фаворитите се мачеа на некои мечеви.
„Можеби ќе биде поинаку во втората рунда кога би требало да останат во игра за титулата најдобрите, но кои најдобри. Зарем во сегашниот момент можат тие да се посочат“, нагласува Осим.
Според него ниту еден фудбалер од кој се очекуваше да биде ѕвезда на Мундијалот не покажа ништо. Сите тие ја силуваат топката, играат повеќе за себе отколку за тимот. Што се однесува за репрезентациите, Германија може да биде сериозен кандидат за титулата, игра цврсто, нејзините играчи многу трчаат, имаат дисциплина во играта, што не може да се каже за останатите фаворити, барем што се посочени на хартија. „Ме изненадија со својата игра и фудбалерите на Јужна Кореја, мајсторски не им дозволија на Грците да играат, со многу трчање и со една импресивна игра“, зборува Осим.
Тој вели дека можеби првиот впечаток не е гаранција дека и во продолжението ќе гледаме слаб фудбал, има време за поправен испит, далеку е крајот. „Но, фудбалот, сепак, не е како некоја песна, кога во кафеана ќе ја нарачаш по своја желба да ти ја испеат. Во фудбалот не можеш да нарачаш да гледаш добра игра колку и да платиш, со овие зборови го завршивме разговорот со популарниот „Шваба“ бидејќи и по овој прекар беше популарен. На крај испрати многу поздрави до неговите големи пријатели во Македонија Кире Дојчиновски, Мете Спасовски, Драган Мутибариќ, Кочо Димитровски, Дарко Панчев, Вујадин Станојковиќ, Сократ Мојсов... (M.M.) |