Олово и во играчките од светски фирми
Тешки метали нема само во кинеските играчки, туку и кај производи на познати фирми
Даниела Трпчевска
Опасни за здравјето на децата не се само кинеските играчки што можат да се купат во продавниците. Олово и тешки метали се пронајдени и во играчки од познати светски фирми, за кои по лабораториските проверки во земјава било препорачано да не се продаваат. Ова го тврди Ацо Попов, началник на Лабораторијата за здравствена исправност на предмети за општа употреба при Институт за јавно здравје.
Според него, седум играчки од познати фирми минатата година биле вратени откако биле извршени проверки и е утврдено дека не се безбедни. „Станува збор за играчки што ги зеле инспекторите на проверка уште на Царина, пред да бидат внесени во земјава“, вели Попов.
Според Љубица Гијачо, раководител на Одделот за граничен инспекциски надзор во Државниот санитарен и здравствен инспекторат, дел од производите, сепак, се случува да завршат во прод��вниците, бидејќи извозниците бараат суперанализи во странство. „Ако суперанализата покаже дека играчките се безбедни, се дозволува нивни влез во земјава и нивна продажба“, вели Гијачо.
Во меѓувреме, отровни меури од сапуница, токсични пластични диносауруси, опасни топки, гитари на дување и фломастери, сомнителни топчиња за рекети, животински фигури и јо-јо играчки, кинески кукли и базени се' уште остануваат на рафтовите во продавниците и по тезгите на пазарите во земјава. Надлежните инспекторати допрва ќе ги разгледуваат алармантните наоди изнесени од страна на невладината организација „Екосвест“, според кои, децата во земјава се' почесто си играат со кинески пластични и дрвени играчки, кои се преполни со тешки метали, олово и хром. Додека невладините укажуваат на алармантни податоци дека во 30-ина детски играчки, 40-ина козметички производи и во палета на средства за хигиена се пронајдени отровни состојки, санитарните и здравствените инспектори смируваат дека состојбата не е толку алармантна и дека редовно се вршат контроли. Клучното прашање што се поставува е како ваквите токсични играчки воопшто влегле во земјава.
„Избегнувајте играчки или предмети што мирисаат интензивно. Играчките што се пластични или дрвени и се со интензивни бои многу е веројатно дека се токсични“, предупреди завчера Ана Чоловиќ-Лешоска, директорка на „Екосвест“, презентирајќи ги резултатите од истражувањето за присуството на опасни хемикалии во земјава. Освен кај играчките, кои во најголем дел се од Кина, токсични материи се најдени кај козметичките производи, кај кои е регистрирано присуство на формалин.
Резултатите од истражувањето планираат да ги достават до надлежните инспекциски служби, но и до Организацијата за заштита на потрошувачи, оти крајната цел е да се информираат граѓаните и да се заштитат од штетните производи, кои навлегуваат и на македонскиот пазар.
„Ние најпрво ја побаравме листата на токсични играчки направена од страна на Европската комисија, а потоа вршевме и проверки по продавниците, каде што затековме дека се продаваат некои од тие производи што се штетни“, објаснува Лешоска. Хемиски анализи на производите не биле правени, бидејќи, според неа, листата на Европската комисија е правена врз база на претходни лабораториски анализи, кои утврдиле недозволени хемилаии и состојки кај производите.
„Хемиски анализи не беа правени ниту кај средствата за чистење и кај козметиката, туку направивме проверка на хемикалиите што ги содржат и дали се тие дозволени или не, како и тоа дали станува збор за дозволено количество или ги надминува границите“, објаснува Лешоска.
Производите што ги посочија „Екосвест“ како штетни, содржат хемикалии и тешки метали, кои се наведени на листата на Рапекс (Европска листа на опасни производи), која е јавно достапна на Интернет-страниците.
Според претседателката на Организацијата за заштита на потрошувачи, Маријана Лончар-Велкова, оваа листа постојано се надополнува и треба да биде следена од страна на санитарните и здравствените инспекции, со цел да се врши контрола на производите што се продаваат во земјава.
„Доколку од „Екосвест“ сметаат дека состојбата е толку алармантна, треба да ги информираат надлежните да се извршат проверки и производите да бидат повлечени од продажба. Ние сме подготвени да ги разгледаме резултатите од истражувањето и за тоа да разговараме со Санитарниот и со Здравствениот инспекторат. Но, главното прашање е како производите воопшто влегле во земјава и зошто уште при царинските проверки не биле сопрени“, вели Велкова.
Според неа, потребно е константно да се вршат контроли и анализи во соодветни лаборатории, но и да се воведат построги критериуми за тоа кои производи смеат, а кои не смеат да се продаваат во земјава. Дополнителен проблем, според неа, е тоа што поради недоречената регулатива, одредени штетни состојки што се забранети во Европа, кај нас се дозволени, што ги компликува работите.
Уништени 875 килограми играчки
Од почетокот на годинава во Државниот санитарен и здравствен инспекторат биле доставени барања за 396 производи и е извршен инспекциски надзор за утврдување на нивната здравствена безбедност. „Дадени се 380 мостри за анализа и лабораториско испитување, од кои е докажано дека кај две пратки земените мостри не одговараат, не се безбедни и веднаш се поништени. Станува збор за две пратки на играчки од Кина, по што се уништени 875 килограми играчки“, вели д-р Љубица Гијачо, раководителка на Одделот за граничен инспекциски надзор.
Таа објаснува дека проверки се вршат и на Царина, пред да бидат увезени производите во земјава, но и откако ќе бидат пронајдени во промет. Листата на опасни производи и состојки константно се надополнува, но ,според Гијачо, тие се раководат според податоците од Европскиот совет што се слеваат во Институтот за јавно здравје, за производите што се небезбедни за употреба. (Д.Т.) |