Број 3408  сабота, 16 октомври 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон
Стил








Site Meter

ТЕД-конференција

Менување на светот за 18 минути

На 30 октомври во киното „Фросина“ во МКЦ во Скопје ќе се одржи првата локална ТЕД-конференција преку ТЕД-Скопје

Миркица Поповиќ

„Нема подобра сила за менување на светот од силна идеја. Идејата доаѓа едноставно од инспирирана фантазија. Идејата не тежи, може да се пренесе во светот со брзина на светлината по никаква цена. А сепак, идејата кога ќе стигне до подготвен ум, може да има неверојатно влијание“. Ова се принципите според кои повеќе од 20 години се раководат ТЕД-конференциите, чија главна цел се идеите и нивното актуелизирање и распространување, како и создавање платформа за современите мислители, визионери и инспиративни говорници.

Ги нарекуваат конференции кои со преку 18-минутни инспиративни говори ќе пробаат да го сменат светот. ТЕД е кратенка од технологија, забава и дизајн, а првата конференција се одржала во 1986 година и досега е прерасната во една од најважните и најпрестижните конференции каде што свои излагања имаат дел од најфасцинантните креатори, мислители и активисти. Еден од организаторите на главните ТЕД-конференции, Крис Андерсон, има изјавено дека главниот мотив за ТЕД-конференциите и идејата дека иднината може да се одреди според тоа какви идеи ќе успеат да ги колонизираат умовите на луѓето.

Двете главни ТЕД-конференции се одржуваат во Лонг Бич, Калифорнија и во Оксфорд, во Велика Британија, што, секако, ги ограничува можностите за присуство на заинтересираните. Токму поради тоа постои можноста за организирање ТЕДх, односно независен ТЕД-настан, како оној што ќе може да се проследи во Скопје на крајот на октомври.

Идејата за скопскиот ТЕДх-настан започнал како иницијатива од десетмина ТЕД-ентузијасти, меѓу кои Филип Парталовски и Новица Наков. Велат дека започнало како иницијатива да се види дали може да се направи локален ТЕДх во Скопје, преку процена на тоа колку луѓето се запознати со она што е ТЕД и колку од нив би можеле да го волонтираат своето време за таква конференција. „Кога се сретнавме, имаше три иницијативи од различни страни, кои во исто време размислувале да прават ТЕД-настан и беше фино што се совпаднаа тие иницијативи. Во тимот имаме луѓе што работат во различни бранши и од благодарение на тоа, покриени сме целосно од аспект на организација“, вели Новица.

Како што ни објаснува Филип, кој е задолжен за односи со јавноста во ТЕДх Скопје, за разлика од глобалната ТЕД- конференција, која се одржува секоја пролет во Калифорнија, трае четири дена и има околу 50-ина говорници, првата официјална ТЕД-конференција во Скопје ќе трае еден ден и ќе има 12 говорници. Поради јасните правила на лиценцата, бројот на публиката што ќе може директно да го следи ТЕДх-настанот во Скопје, е ограничен на 100 лица. Филип нагласува дека публиката на главните ТЕД-настани се избира со големо внимание, бидејќи главната цел е идеите да се пренесат на луѓе што потоа ќе бидат до тој степен инспирирани да ги пренесат натаму или да преземат директна акција. „ТЕД не е некаков саем на кој се претставуваат демо-проекти, туку целта е да се направи нетворкинг на луѓе што се извонредни на свој начин, дали преку тоа што се добри претприемачи, филантропи, едноставно да се случи спој за тој производ да излезе и да стане достапен на пазарот“, додава Новица. Го посочува примерот на Николас Негропонте, кој имал презентација на ТЕД за идејата да се донесе компјутер за секое дете во земјите во развој, за деценија подоцна потоа повторно да дојде на конференцијата и да се изјасни дека неговата идеја е остварена. „ТЕД ги привлекувале говорниците преку тоа што им кажувале кој ќе биде во публика. Поради тоа и се појавувале добри говорници знаејќи дека луѓето на кои ќе им се обратат ќе ги сфатат сериозно“, додава Новица.

Од 12 говорници на конференцијата во Скопје, кои ќе бидат целосно познати до 23 октомври, досега се претставени електроинженерот Зоран Ивановски, кој ќе зборува за својот критички однос кон новите технолошки изуми и за тоа колку се потребни, а колку наметнати; Гоце Митевски, дизајнер кој ќе го претстави моделот на графикони и ќе говори за ефективно промовирање на идеите преку интернет, Невена Ацковска, биоинформатичар, која ќе се осврне на терминолошката поврзаност меѓу информатиката и генетиката толкувајќи ја ДНК како оперативен систем и уметникот Никола Узуновски, чиј говор ќе се задржи на современата уметност и неговите проекти, опфаќајќи ги темите на односот помеѓу уметноста и науката, индивидуалноста и општеството. Првото правило за избор на говорниците е дека луѓето мора да се од Скопје или не подалеку од 100 километри од местото на главниот настан.

Изборот на публиката е анонимен, ќе бидат покриени имињата на апликантите и ќе се оценува преку нивната досегашна работа и искуство. По говорите, втората најважна работа на ТЕД-конференциите се 30-минутните паузи кога и доаѓа до размена на контакти и идеи меѓу публиката и можности за склучување договори за натамошна соработка за некои од презентираните идеи.

Голем дел од пријавените веќе подолго време се запознати со концептот на ТЕД, па сакаат да видат како ТЕДх ќе изгледа во Скопје. Така, на пример, Александра Христов, веб-дизајнер, која говорите ги следи неколку години вели дека би сакала да биде сведок на локален ТЕДх настан за да види колку луѓето од нашето подрачје имаат вредни идеи за споделување и колку од нив ќе успеат да ги споделат на начин својствен за ТЕД што ќе успее да ја инспирира публиката. „Интересни се и дис��усиите кои се развиваат по ваквите говори, колку поинтересен говор, толку поинтересни дискусии повлекува“, вели Александра.

Настанот ќе биде пренесуван во живо преку веб-каст, а презентациите ќе бидат ставени и на главната страна на ТЕД говорите http://www.ted.com , кое како видео портал само по себе е голем бум. Огромниот интерес, над 100.000 посети дневно ги инспирирал организаторите да почнат преговори за склучување договори со ТВ-оператори во државите со слаб или непостоечки интернет пристап за започнување на ТЕД телевизија каде што ќе се прикажуваат ТЕД говори.

Самото постоење на една ТЕДх група во Скопје не ја исклучува можноста да се формираат и останати кои ќе организираат ТЕД настани во Скопје. Како што посочуваат Филип и Новица, ТЕД групите може да се формираат на различни ниво, во зависност од бројот на луѓе, може да бидат на ниво на универзитет, компанија, медиум и да обработуваат теми кои ја интересираат конкретната група. „Кога поради пепелот од исландскиот вулкан беа приземјени сите авиони на европските аеродроми, група луѓе организираа ТЕДх настан на аеродром каде беа споредувани искуства од луѓето заглавени на терминалите“, вели Новица. Се надеваат дека ТЕД говорите ќе успеат да допрат и да инспирираат доволно голем број луѓе за да има волја, иницијативи и барање за ТЕДх-настани. „Критериумот во ТЕД е поважно е што си отколку кој си. Славата голем број луѓе ја стекнуваат преку ТЕД“, заклучуваат од ТЕДх Скопје.


#
Статијата е прочитана 1140 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Насловна
Стил
Тиквешански
Македонско-бугарски историски контроверзии (7)
Дали вуJко е подобар стрелец од мама?
Јадете чоколада и живејте долго!
Олово и во играчките од светски фирми
„Мама“ - тоа сум јас, се јави Муса Џафери
Кичот врвен приоритет на власта!
Фестивал на албански театар во Дебар
„Флит стрит“ против империјата на Мардок
Сомнителни типови – вистински дисиденти
Исчезнаа 50 млн. евра странски инвестиции
Тајно се венча во август на Сицилија
Грабеж во Багдад - 12 убиени
Windows Phone 7 претставен на светот
Иднината на моќта
ОКТА најголема, „Телеком“ најуспешен
Грците не плаќаат струја
Отворањето на „Браќа Манаки“ во знакот на „Мајки“
Во Прилеп споменик на Бувие
„Еуцерин“ се грижи и за мажите
Магазин
Не можам да „четам“, ја молзам кравата
Пробиен најдолгиот тунел на светот
Како Илеш Шпиц се спаси од гасната комора
Спаска Митрова го доби детето






Asylum rise puts Balkan visa-free scheme in danger
Dutch resistance unlikely to halt Serbia's EU bid
The Great Gas Game: Russia plays Romania against Bulgaria