Фудбал
Како Илеш Шпиц се спаси од гасната комора
Неочекувано композицијата запре. Видов дека сме во Сурдулица. Тука ме извлекоа од вагонот, а набргу германски офицери ме качија во автомобил и ме вратија во Скопје
Ивко Панговски
Колку што ми беше тешко, уште повеќе ми беше големо задоволство да го дешифрирам поблизу половина век стенограмот од разговорот со основоположникот на македонското спортско новинарство, познатиот фудбалски работник, професорот д-р Кирил Пенушлиски, кој членуваше во управите на повеќето скопски фудбалски клубови, беше и секретар на Скопскиот фудбалски потсојуз, претседател на ФК „Македонија“, а вршеше и повеќе одговорни должности во спортското, посебно во фудбалското организирање на Македонија. Се збогува од спортската активност во неговите поодминати години. Тој ќе остане запаметен и по тоа што од Сплит во Скопје го донесе познатиот фудбалски тренер Илеш Шпиц.
Илеш Шпиц деновиве станува актуелен по��ади подготовките за снимањето на филмот „Трето полувреме“, кој ќе проследи една драматична случка од неговиот живот, како и поради 49-годишнината од неговата смрт.
Покојниот професор д-р Кирил Пенушлиски, од своите паметувања ги стави пред мене незаборавите за Илеш Шпиц, за кого рече: „Беше човек кој ги удри темелите на современиот фудбал во Скопје и во Македонија. Беше неповторлив пример на неуморен работник, кој радоста за постигнувањата на фудбалското поле не можеше да ја почувствува поради силната полициска тортура на која беше подведен, само затоа што беше Евреин“.
Како на Евреин во тешките времиња на Втората светска војна тој мораше да ја носи жолтата шестокрака ѕвезда, симбол на Евреите, редовно да се јавува во полицијата. Му беше забрането да патува со клубот, што практично значеше дека му беше забрането да биде тренер на СК „Македонија“
„Оваа состојба“, раскажуваше Кирил Пенушлиски, „предизвика вознемиреност во клубот и беше повод управата да побара излез од ситуацијата. По многу договарања се формира група од двајцата секретари на клубот, Мицко Симеонов и јас, па заедно со претседателот, инж. Димче Шкатров, отпатувавме во Софија кај претседателот на Бугарската фудбалска федерација, Иван Батенбергски. Тој ни договори средба во Министерството за внатрешни работи на Бугарија каде што водевме разговор со началникот за еврејски прашања.
По многу неизвесности и натегнувања, откако овој висок полициски функционер го убедувавме дека станува збор за дете без родители, кое било оставено пред куќата на еврејско семејство, кое не било ’брснато‘ т.е. сунетисано, на што посебно инсистираше полицискиот функционер, беше дадена согласност тренерот на СК ’Македонија‘ да не ја носи на жолтата шестокрака ѕвезда. Дозволено му беше да патува со тимот, меѓутоа, не смееше да излегува на аут-линијата, бидејќи, според толкувањето на бугарскиот висок полициски функционер, тоа би предизвикало негодување кај играчите и функционерите од другите тимови со кои ’Македонија‘ се натпреваруваше во елитната дивизија и за Купот на Цар Борис“.
Спокојството во животот и во работата на тренерот на СК „Македонија“, како и на сите што го сакале и почитувале, траеле многу кратко. На ова упатуваат зборовите на Кирил Пенушлиски, кој потсетувајќи се на деновите кога почна решавачката битка да се спаси животот на Илеш Шпиц, рече:
„Со Мицко Симеонов работев во Градската општина, во зградата под тврдината Кале. Во раните утрински часови на 8 март 1942 година, тукушто ги отворивме фиоките, во канцеларијата уплакана и избезумена втрча сопругата на нашиот тренер и на унгарско-српско-македонски јазик почна да вика: ’Однела полиција мој Шпиц. Нема Шпиц куќу. Полиција узела Шпиц. Иде за Немачку. Убише Шпиц‘. Иако последниве зборови беа проследени со плач, беше доволно да разбереме дека дента, по блокадата на Скопје од страна на воените и полициските сили, кога беа собрани Евреите, граѓани на Скопје, заедно со нив е уапсен и тренерот на ’Македонија‘, дека е депортиран во Германија каде што го очекува гасна комора“.
Не чекавме да ни докаже како е уапсен и одведен и сместен во собирниот логор, а потоа и качен во возот на смртта. Станавме со Мицко Симеонов и се упативме во зградата на „Ибни Пајко“ каде што беше сместено архитектонското биро, сопственост на претседателот на СК „Македонија“, инж. Димче Шкатров. Ненајавено влеговме во неговата канцеларија и му ја пренесовме веста со наш коментар, дека ова е смислен атак против него. Тој налутено го крена телефонот и заврте неколку броја. Доби соговорник на линијата. Од разговорот сфативме дека на линијата го има директорот на бугарската полиција во Македонија, Асен Богданов, кому со висок тон му рече: „Асене, овде е Димче. Апсењето и одведувањето на Шпиц го сметам како атак врз мене“. По ова ја спушти слушалката, а нам ни рече: „Одете си“.
Неизвесноста за судбината на тренерот на СК „Македонија“, Илеш Шпиц, потраа до вечерните часови, кога нешто по 20 часот, на наше големо изненадување и радост, тој дојде во просториите на клубот. На неколкумина членови на управата тој им ја раскажа својата голгота. А таа, според зборовите на еден од присутните на средбата, Мицко Симеонов, го имала овој тек:
„Очигледно возбуден и среќен, Шпиц со треперлив глас и со солзи во очите ни раскажа: Ме уапсија дома. Ме спроведоа во Монополот. Потоа со моите сонародници - Евреи ме качија во товарен вагон на долга композиција. Полека ја напуштивме територијата на Македонциjа. Гледајќи низ процепите на вагоните сфатив дека се движиме кон Србија. Изгубив секаква надеж. Неочекувано композицијата запре. Видов дека сме во Сурдулица. Овде мене ме извлекоа од вагонот, а набргу германски офицери ме качија во автомобил и ме вратија во Скопје“. Овие зборови Шпиц ги искажа со насолзени очи, среќен што повторно е меѓу своите, како што знаеше да рече за фудбалерите, за членовите на управата и за навивачите на СК „Македонија‘‘. Последните зборови од ова потресно сеќавање Мицко Симеонов ги кажа со насолзени очи.
„Каква симболика. Скопје му го спаси животот на Илеш Шпиц за време на виорот на војната, а тој почина покрај Вардар, на 1 октомври 1961 година, на натпреварот Вардар - ОФК Београд кога скопскиот лигаш со тешка мака, особено во второто полувреме го зачува убедливото водство од 3:0, кое почна да се топи, а беше решавачко во борбата за опстанок во првата фудбалска лига“, беше коментарот на професорот Пенушлиски. |