Мислења
Иднината на моќта
Џозеф С. Нај
Светот нестрпливо чека да види како ќе функционира Г-20 кога ќе се состане повторно во Сеул во ноември годинава
Во 21 век е неверојатно да има глобална влада, но веќе постојат различни степени на глобално владеење. Светот има стотици договори, институции и режими за владеење со меѓудржавното однесување што опфаќа телекомуникации, цивилно воздухопловство, исфрлање отпад во океани, трговија, па дури и ширење на нуклеарно оружје. Но, таквите институции ретко се самостојни. Се' уште им е потребно раководење од големите сили. И останува да се види дали големите сили на овој век ќе ја исполнат таа улога. Како што се зголемува моќта на Кина и на Индија, прашање е како ќе се смени нивното однесување? Иронично, за оние што предвидуваа триполарен свет на САД, Кина и Индија на средината на векот, сите три држави - најнаселените во светот - се меѓу најзаштитничките на нивниот суверенитет. Некои тврдат дека нашите сегашни глобални институции се доволно отворени и приспособливи за да и' биде во интерес на Кина да стане, како што еднаш рече претседателот на Светска банка, Роберт Зелик, „одговорен акционер“. Други веруваат дека Кина ќе сака да наметне сопствено обележје и да создаде нејзин меѓународен институциски систем како што се зголемува нејзината моќ.
Земјите на Европската унија се повеќе подготвени да експериментираат со ограничувачки државен суверенитет, па затоа можеби ќе притискаат за повеќе институциски иновации. Но, неверојатно е дека со исклучок на несреќи како што е Втората светска војна, светот ќе биде сведок на „конституциски момент“, како што беше создавањето на системот на институции на Обединетите нации по 1945 година.
Денес ОН, како универзална институција, имаат клучна улога во озаконување, дипломатија во услови на криза, мировни и хуманитарни мисии, но самата големина се докажа неповолна за многу други функции. Како што покажа самитот на ОН за климатски промени во Копенхаген во 2009 година, состаноците на 192 земји често се комплицирани и подлежат на блоковска политика и тактички чекори на многу ирелевантни фактори, на кои инаку им недостигаат ресурси за решавање на функционални проблеми. Како што неодамна изјави американската државна секретарка Хилари Клинтон, „ОН остануваат единствената најважна глобална институција, но константно не' потсетуваат на нејзините ограничувања. ОН никогаш не биле со намера да го решаваат секој предизвик; ниту пак треба да го решаваат“.
Всушност, главната дилема со која се соочува меѓународната заедница е како да бидат вклучени сите, а сепак да може да дејствува. Одговорот, веројатно, лежи во она што Европејците го нарекуваат „променлива геометрија“. Ќе има многу мултилатерализми и „мини-латерализми“, кои ќе се разликуваат поединечно со распределбата на ресурси на моќта.
На пример, за монетарни прашања, на конференцијата во Бретон Вудс беше создаден Меѓународниот монетарен фонд во 1944 година, кој оттогаш се прошири и има 186 земји-учеснички. Но, глобалната доминација на доларот беше клучната карактеристика на монетарната соработка се до 1970 години. По ослабувањето на доларот и одлуката на претседателот Ричард М. Никсон да стави крај на неговата конвертибилност во злато, во 1975 година Франција ги свика лидерите на пет земји во библиотеката на замокот Рамбуе за да дискутираат за монетарни прашања. Наскоро групата се зголеми на седум, а подоцна се прошири во обем и членство - вклучувајќи ја Русија и огромен бирократски и прес апарат - и стана Г-8. Последователно Г-8 ја започна практиката да кани по пет гости од економиите во развој. Во финансиската криза од 2008 година, таа рамка се разви во Г-20, која може да се пофали со пообемно членство.
Во исто време, Г-7 продолжи да се состанува за потесна монетарна агенда; беа формирани нови институции, како што е Одборот за финансиска стабилност, додека билатералните разговори меѓу САД и Кина имаа се' позначајна улога. Како што рече еден искусен дипломат, „ако се обидувате да усогласувате договор за девизен курс со 20 земји или помош за Мексико, како во почетниот период на Клинтон, тоа не е лесно. Ако се соберат над 10, едноставно е премногу тешко да се остварат работите“.
Секако, тој е во право. Пред се', со три земји има три билатерални односи; со десет има 45; а со 100 учесници има речиси 5.000. Тоа е причината зошто, за прашања како што се климатски промени, ОН и натаму ќе имаат улога, но поинтензивни преговори веројатно ќе се одвиваат во помали групи, како што е Форумот на главните економии, каде што помалку од десетина земји се одговорни за 80 отсто од емисиите на стакленички гасови.
Голем дел од работата на глобалното владеење ќе се потпира на формални и неформални мрежи. Мрежните организации (како што е Г-20) се користат за поставување агенди, градење консензус, координирање на политиката, размена на знаење и воспоставување на норми. Како што тврди Ен-Мари Слотер, директор за планирање на политиката во американскиот Стејт департмент, „моќта што произлегува од овој вид поврзаност не е моќ за да се наметнат резултати. Мрежите не се насочуваат и контролираат како што се управуваат и оркестрираат. Повеќе учесници се интегрирани во една целина, што е поголема од збирот на нејзините делови“.
Со други зборови, мрежата дава моќ да се постигнат посакуваните резултати со други учесници наместо преку нив. За да се справи со транснационалните предизвици, што се карактеристика на едно глобално информатичко доба, меѓународната заедница ќе треба да продолжи да развива низа дополнителни мрежи и институции кои ја дополнуваат глобалната рамка на ОН. Но, ако големите земји се поделени, неверојатно е дека дури и мрежни организации како Г-20 можат да ја постават агендата за ОН и финансиските институции од Бретон Вудс да дејствуваат. Во непосредниот период по финансиската криза од 2008 година, се чини дека Г-20 им помагаше на владите да ги координираат нивните дејствувања, и да се избегне незадржлив протекционизам. Светот нестрпливо чека да види како ќе функционира кога ќе се состане повторно во Сеул, во ноември годинава.
(Авторот, поранешен помошник-секретар
за одбрана на САД, е професор на Универзитетот Харвард и пишува
за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“) |