Една деценија од Љуботенски Бачила
По десет години од загинувањето на осумтемина воени резервисти кај месноста Љуботенски Бачила вчера венци и свежи цвеќиња беа положени на спомен обележјата во селото Љубанци, Волково и касарната Илинден.
На оддавањето почит покрај роднините на настраданите присуствуваа и делегации од кабинетот на претседателот на државава, делегација на Владата предводена од министерот за здравство Никола Тодоров, потоа заменик министерот за одбрана Емил Димитриев, Генералштабот на АРМ, делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Антонио Милошоски.
Претставникот на здружението на воените резервисти Наско Петрески, упати апел до власта за остварување на правата на семејствата на загинатите во конфликтот од 2001 година.
„И по десет години тапкаме во место, а бранителите не можат да ги остварат своите права, меѓутоа треба да се седне и да се разговара. Нормално е дека сме револтирани од тоа што досега ништо не е реализирано, но нема да заврши така. Ние преку нашето здружение и преку здружението 'Карпалак' ќе бидеме упорни и ќе бараме да се остварат правата за бранителите и нивните семејства“, изјави Петрески.
На 10 август 2001 година воено товарно возило на Армијата на Македонија на патот кај месноста Љуботенски бачила нагази на две противтенковски мини. Животот го загубија Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски, си��е припадници на резервниот состав на АРМ од гарнизонот Скопје. (Св.У.) |