Пет минути интервју
Нашата публика знае да почувствува искреност
Владимир Василевски - Четкар , џез-гитарист
Валентина Тодоровска
Како ги минуваш деновите во твојот роден Охрид? И, откриј ни, каде се најмирни плажите, каде е најубаво капењето?
„Времето ми минува и во работа и во одмор, се дружам со семејството и со пријателите, а исто така и настапувам. Поубаво не би можел ниту да замислам, сега сум како риба во вода. Е сега за плажите... Лично, најубаво ми е капењето во Трпејца, како и на дивите плажи по Градиште, кон Св. Наум. Таму е магично и мирно, рај за сите сетила. Колку пати ја носев со себе таа слика кога бев во Њујорк, далеку од дома. Ми беше доволно само да ги затворам очите и да запловам низ езерското синило“.
Со оглед на твоите чести настапи, што ќе кажеш за нашата публика? Има ли дефиниран вкус и во колкав број?
„Презадовлен сум од мојата публика во Македонија, покрај тоа што ми е исклучително верна и силно ме поддржува, станува и се' е помногубројна што ме мотивира да сум почесто дома. Публиката кај нас знае да ја осети и да ги цени искреноста и квалитетот на еден уметник дури и ако станува збор за музички стил кој досега не бил премногу експониран. Искрена импресија е она што најмногу ми значи“.
Кои ти се плановите до септември?
„Имам многу настапи низ Македонија и се надевам дека ќе настапувам низ повеќе градови низ државата. Кон средината на септември заминувам за Лондон каде што на 21. ме очекува еден од најважните настапи годинава, во еден од најпознатите британски и европски џез-клубови ’Сохо џез-клуб’“.
Со кого од овие простори би сакал да оствариш соработка?
„Искрено, не размислувам за соработка со никого, бидејќи сум фокусиран на сопствената музика и тоа ми го одзема целото време“. |