22.07.2012, 20:31 Ќе побарам поддршка и за втор мандат
Близината на Солун и важното место на Коридорот 10 го поттикнуваат развојот на Гевгелија, вели градоначалникот Иван Франгов
Сузана Тасева
Гевгелија - Успеавте ли во овој мандат да ја реализирате програмата што ја имавте пред Вас кога седнавте во градоначалничката фотелја?
Поголемиот дел од она што го предвидов во мојата изборна програма е веќе реализирано или пак започнато. Ако се има предвид дека покрај проектите и активностите предвидени во изборната програма, во изминатите три и пол години беа реализирани и повеќе други проекти, кои не беа дел од изборната програма, тогаш сосема сум задоволен од оствареното. Но, вистинскиот и најреалниот одговор, сепак, очекувам да го дадат граѓаните.
Мојот ангажман и оној на општинска администрација беa насочени кон подобрување на условите за живот на граѓаните, како и подобрување на квалитетот на услугите на граѓаните. Вложувањата, главно, беа насочени кон обезбедување на поквалитетна комунална и патна инфраструктура, подобри услови за престој и настава во образовните институции, обновување на културните објекти, како и подобрување на урбаната слика на општината.
На што сте посебно горди во Вашиот мандат?
Посебно се гордеам што во Општина Гевгелија веќе се применуваат европските стандарди. Тоа не е само моја лична, туку и оценка на меѓународните институции. Општина Гевгелија успешно работи и го изведува, одржува и развива системот за управување со квалитет, согласно со барањата на стандардот ИСО 9001:2008, оцени Словенечкиот институт за квалитет (SIQ) по редовната годишна проверка. Како посебно позитивни во извештајот од проверката беа издвоени нововедената услуга „Систем 48“.
Општина Гевгелија беше меѓу првите осум општини, која се стекна со правото да менаџира со државното неизградено земјиште. Доделениот кредитен рејтинг Б1 од агенцијата за кредитен рејтинг Moody’s Investar Service секако претставува потврда за финансиската ликвидност на општината, но и гаранција за странските инвеститори. Според УНДП, Гевгелија се покажа како водечка општина во земјата во унапредувањето на меѓуопштинската соработка, посебно применетата практика за помагање на помалите општини.
Горд сум на неколку проекти, чија реализација се провлекуваше со години, а за време на мојот мандат, конечно овие проблеми беа разрешени. Во прв ред тоа се заменетите покриви, столарија и извршените санации во сите пет основни училишта и средноучилишниот центар кои придонесуваат за значително подобрување на условите за настава. Во инфраструктурата би го издвоил решавањето на горливите проблеми со атмосферската канализација, односно спречената опасност од поплава по секој пообилен дожд, посебно на улиците „Коле Неделковски“ и „Загрепска“, како и главната сообраќајница „7 Ноември“.
Посебно сум горд што по пет децении Гевгелија, како резултат на финансиската донација од 482.000 евра од ЕУ и средствата од општинскиот буџет во износ на 150.000 евра, повторно доби Народен театар. Предавањето на реконструираниот објект беше круна на настаните што се одвива во рамките на манифестацијата „Гевгелија-град на културата 2011“.
Што направивте и што правите за привлекување на странски инвеститори?
При преземањето на градоначалничката функција, бидејќи доаѓав од стопанството, за приоритет си ја поставив урбанизацијата. Така, неодамна беа донесени измени и дополнувања на ГУП, со што се создадени услови за донесување на дваесетина урбанистички планови и за легализација на пријавените бесправни гради. Покрај ова, согласно со потребите и пројавениот интерес од странски инвеститори, донесени се УП за просторот од влезот на Гевгелија до граничниот премин Богородица наменет за хотелски комплекси, УП за просторот кај Милци наменет за голем трговски центар, УП за месноста Долна Корија спроти Негорските бањи, наменета за деловно-комерцијални објекти, како и убранизацијата на локациите предвидени за Откупно дистрибутивен центар кај Прдејци. По урбанизацијата сите овие градежни парцели се понудени на продажба.
Од веќе реализираните инвестиции би ги издвоил изградбата на големиот хотелско-казински комплекс „Рамада Плаза“ на познатата турска компанија „Принцес“, новите погони на конфекциското претпријатие „Ноел“, на фабриката за полиетиленски цевки „Конти Хидропласт“, на фабриката за преработки на овошје и зеленчук „Випро“, на винаријата „Ригоимпекс“ и други фирми. Треба да се ��дбележи интересот на странските инвеститори, пред се' грчки државјани, за изградба на колективни станбени објекти и веќе реализираните проекти.
Гевгелија е град со најмал број невработени. Kолку невработени има во моментов и каде има најмногу вработувања?
Точно е дека Гевгелија се вбројува меѓу општините со најмала стапка на невработеност и дека дел од преработувачките капацитети и лозови плантажи ангажираат сезонски работници од Валандово и другите околни општини. Тоа, секако, се должи на местоположбата, постојната стопанска структура, а и на новоотворените погони. На потегот до граничниот премин отворени се или проширени се капацитетите на хотел-казина, кои ангажираат значаен дел од расположивата работна рака. Отворени се неколку производни погони за преработки од овошје и зеленчук, а подигнати се и нови лозови плантажи, кои имаат континуирана потреба од сезонска работна рака. За зголемената побарувачка на работна рака придонесоа и новоотворените конфекциски погони, иако по економската криза што ја зафати Грција, дел од овие погони се затворени. Само во конфекциската фабрика „Ноел“ работат речиси 1.000 лица.
Велат дека Гевгелија е општина која брзо се развива. На што се должи тоа?
Општината се наоѓа крај Коридорот 10, а на нејзина територија се наоѓа најфреквентниот граничен премин во земјата. Близината на Солунското пристаниште, а секако и медитеранската клима, се дополнителни фактори кои директно влијаат на развојот на општината, било кога станува збор за транспортот, туризмот, преработувачката индустрија или пак богатата понуда на зеленчук и овошје. Сите овие елементи придонесуваат во Гевгелија миграцијата на населението да е минимална, поточно, во изминатата 2011 година само 7 жители од општината се отселиле. Во истовремено во Гевгелија се доселиле 58 лица од другите општини, а во последно време забележливо е привременото престојување на грчки и турски државјани.
Како ја развивате пограничната соработка со Грција?
Гевгелија има редовна и богата прекугранична соработка за што зборуваат и повеќето реализирани проекти. Покрај редовните контакти и соработка со локалните власти во пограничните општини Поликастро, Бојмица и Кукуш, како и новоформираната општина Пеонија, со грчките погранични општини заеднички настапуваме и пред европските фондови. Како резултат на таа соработка, во тек е реализацијата на проектот за отворање на Бизнис центар во Гевгелија и Поликастро и организирање на трговски саем во Гевгелија и Скотуса.
Дали ќе се кандидирате повторно за градоначалник?
Според оствареното чувствувам потреба и одговорност од граѓаните да побарам доверба за уште еден мандат за нивно довршување. Затоа ќе се пријавам на конкурсот за градоначалници што го објави ВМРО-ДПМНЕ.
|