25.07.2012, 19:19 Бан Ки-мун на жешка линија со Скопје и со Атина
Генералниот секретар ги повика македонските и грчките функционери со изјавите да создаваат позитивна атмосфера
Слободанка Јовановска
Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, го нарече императив решавањето на спорот околу името, а за да се постигне тоа тој понуди и личен ангажман - праќајќи пораки по медијаторот Метју Нимиц и разговарајќи директно со грчкиот премиер Андонис Самарас.
„Вие имате цел да се приклучите во ЕУ и НАТО. Знам дека имате и пречка во оваа ваша цел. Императив е да се разреши прашањето на името. Јас сум посветен да помогнам, да олеснам во решавањето на ова прашање. Може да сметате на ОН и во исто време ќе ги охрабрам премиерот, претседателот на државата, претседателот на Собранието да бидат обединети и посветени на негово решавање“, порача во своето инспиративно обраќање од македонскиот парламент Бан Ки-мун. Благо тој ги искара и двете страни, повикувајќи ги да промовираат позитивна атмосфера преку нивните изјави, нагласувајќи дека тој е генерален секретар на 193 земји и дека секој ден се потсетува на Македонија, гледајќи ја сликата подарок од македонски автор во Обединетите нации. Користејќи ја симболиката на сликата, тој ги повика Македонија и Грција да практикуваат толеранција и да живеат во мир со соседите, притоа не употребувајќи го ниту еднаш уставното име на нашата држава.
Како што се очекуваше, генералниот секретар не заборави да каже благодарам на Македонија за згрижувањето на бегалците од Косово, велејќи дека сме ги отвориле нашите врати и срца за многу илјади од нив. Генерално тој упати многу пофалби за државата:
„Гледам навистина голем напредок, динамика и посветеност да се надминат сите прашања и да се оди напред“, рече тој, потсетувајќи дека во 1991 година, кога Југославија беше на границата на конфликт, Македонија избра и воспост��ви пример за мирно утврдување на границите. Немаше ни дилеми дека Македонија е посветена на мирно мултиетничко општество и дека нашите достигнувања се веќе препознени, посочувајќи го како пример претседавањето со Генералното собрание на ОН од страна на Срѓан Керим. На посетата тој и' даде и глобален тон, барајќи практично поддршка за актуелната агенда на ОН.
„Во 2015 година многу луѓе ќе живеат во сиромаштија, ќе бидат гладни и ќе немаат здравствени услуги... Постигнувањето на Милениумските цели ќе биде невозможно без учество на жените во парламентот. Мора да дадеме учество и на младите луѓе. Овде во земјата се постигнати голем дел од Милениумските цели“, рече Ки-мун.
На влегување и излегување од парламентот генералниот секретар беше дочекан од дваесетина граѓани организирани од Тодор Петров, кои го извикуваа името на државата „Македонија“, а за да чуе добро, тргнувањето на колоната автомобили намерно беше забавено. Клучната средба на Бан ки-мун во Скопје беше со премиерот Никола Груевски, но не пред спомениците од „Скопје 2014“, туку во Владата, каде што премиерот му порачал дека или Атина ќе се врати на преговарачка маса, т.е. ќе ги најде време и простор за разговори, или да се најде начин да се деблокираат процесите околу Македонија со почитување на одлуката на Хашкиот суд. Ова деблокирање на преговорите беше клучното барање од македонска страна до генералниот секретар, зашто како што беше оценето неофицијално, нема простор да се нудат иницијативи, предлози или слично во ситуација кога не ни разговараш. Притоа премиерот инсистирал да се почитува Хашката одлука од сите и без ексклузивитет, и доследно да се вреднува од страна на земјите членки на ОН. Иако од одлуката помина речиси една година и секаде формално е игнорирана, таа очигледно беше аргумент и на средбата со Бан ки -мун кој пак само еднаш во Охрид ја прокоментира со зборовите дека во ОН се свесни за неа и ќе ги земат предвид сите аспекти. Груевски му нафрлил на генералниот секретар дека има и други идеи околу спорот, како барање нов прием во ОН под уставното име, отворање нова постапка пред Хаг или пак користење на други механизми во ОН, но дека тој се' уште е фокусиран на изнаоѓање брзо решение за спорот, за што треба и волја од Грција. На крајот тој го отворил и прашањето со правата на македонското малцинство во Грција, од враќање на имотите, давање на двојно државјанство и слободно движење.
По средбите генералниот секретар на ОН имаше ручек со шефот на дипломатијата Никола Попоски и експретседавачот со Генералното собрание Керим во ресторанот „Воденица“ од каде што замина за аеродром и ја продолжи турнејата за БиХ. Генерално, неофицијалните реакции на посетата од некои од учесниците беа дека б��ла охрабрувачка, особено поради најавата од генералниот секретар дека лично ќе вложи напори преговорите да се поттурнат. Целиот процес формално е под негово покровителство и тој има обврска да се грижи да се интензивираат преговорите. Фактот дека го најави тоа е добар чекор“, оцени еден од учесниците. На средбите во Скопје Бан Ки-мун не фаќаше страна и не изнесуваше категорични ставови околу преговорите, па останаа да лебдат неговите пораки од Охрид околу правењето компромис за универзални права и принципи. Дали таа порака ги вклучи и идентитетските прашања, како што коментираа некои медиуми во Македонија, остана нејасно бидејќи беше кажана премногу генерално, а не на тема спорот на Македонија. „ОН не прават компромис кога се во прашање универзалните права и принципи. Кога се работи за други прашања и политички теми, ако процентот на компромисот е прифатлив, тој може да се прифати“, изјавил тој пред школата на млади политички лидери, каде што поради неформалниот формат си дозволи и неформално име - Република Македонија.
Бан Ки-мун: Сега е момент за решение
Иако јавно не изнесоа никаква оценка околу разговорите, неформално Бан Ки-мун и Метју Нимиц оцениле дека сега е момент да се решава спорот за името бидејќи грчкиот премиер Андонис Самарас води коалициона влада, а за исходот од преговорите неговата улога е клучна. За да го поттурнат процесот тие најавиле дека ќе ги анимираат САД, додавајќи дека во оваа констелација Самарас има шанса да стане херој место кочничар, како што и во Грција и надвор го гледаа досега.
Нимиц: Разговорите беа конструктивни
Посредникот на ОН во грчко-македонските разговори за името Метју Нимиц, кој го придружува генералниот секретар на Светската организација Бан Ки-мун за време на посетата на Македонија, ги оцени како конструктивни разговорите водени со македонскиот државен врв.
„Нема да дадам изјава бидејќи ова е посета на генералниот секретар на ОН, а не моја посета. Но, она што можам да кажам е дека имавме конструктивни дискусии и како што кажа и генералниот секретар, имавме многу добри средби. Тој научи многу, а и јас исто така“, изјави Нимиц по средбата со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, прашан дали дошол во Македонија со нови иницијативи за решавање на прашањето за името.
Тој посочи дека од Скопје заминува за Солун каде што ќе ја брифира грчката Влада за разговорите со македонските претставници. Подвлече и дека останува во комуникација со двете страни.
|