Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Печатено издание
Политика Македонија Економија Коментари Свет Култура Спорт Скопје Забава Хороскоп
Политика
25.07.2012, 18:56

Струмица жали за храбрите браќа

Ден на жалост по големата несреќа, градот се соочи со нови пожари, кои набргу беа локализирани

Горан Адамовски

СТРУМИЦА - Трите внучиња на Блажо Стојков, од кое најголемото има шест години, ќе имаат малку спомени од нивниот дедо. Педесет и двегодишниот Блажо го даде животот, бранејќи ја Струмица од пожар. На селските гробишта во планинското село Рич, оддалечено 20-ина километри од градот, вчера еден до друг беа закопани Блажо и Пено (46) Стојанов, жртви на стравотната понеделничка огнена стихија.

Река од луѓе, роднини и пријатели на вработените во „Македонски шуми“ дојдоа да ги испратат на вечното почивалиште.

„Како колеги и луѓе беа неверојатни. Лојални пријатели, храбри мажи. Тоа ти е животот, денеска си тука, утре те нема“, зборуваа колегите на браќата. Блажо бил триесетина години вработен во „Македонски шуми“, додека неговиот брат се вработил во 2008 година. Секогаш биле подготвени први да одат во битка, каде што е потребно.

„И како соседи беа такви. Ако им побараш помош, веднаш ќе те услужат”, коментираат жителите на Рич. Блажо е татко на три деца и има три внуци. Пено има две деца – ќерка матурант и 20-годишен син.

Општината Струмица вчера донесе одлука да им додели финансиска помош од по 100.000 денари. Семејствата на 12-темина повредени ќе добијат по 20.000 денари.

Додека траеше погребот, два авиони „Ер – трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување го надлетуваа селото. Всушност, тие доаѓаа да наполнат вода во блиската акумулација Водоча, оти околу Струмица повторно пламтеше оган.

Пожарот на локацијата „Двата пата“ вчера околу 16 часот беше локализиран.

Поради опасноста огнот да се прошири на населени места, беа повикани на помош противпожарните авиони „АТ-802“.

На терен останаа да дежураат екипи за контрола на огнот. Новиот пожар избувна на многу непристапен терен, при ш��о беше зафатена борова шума и постоеше опасност од негово нагло проширување и спуштање кон градот.

Градоначалникот Зоран Заев на итната седница на општината зборуваше дека локалната и централната власт максимално професионално и трезвено ја координирале работата и при понеделничкиот пожар. Изразувајќи сочувство за загинатите, Заев во детали раскажуваше како течела акцијата.

Тој како апсолутно неточни и злонамерни ги оквалификува шпекулациите дека специјалните авиони за гаснење пожар намерно не долетале во Струмица.

„Имавме целосна соработка, никој не гледаше општинска или државна власт. Важно ни беше да спречиме катастрофа“, потенцира Заев. Тој објасни дека авионите не интервенирале, пред се', од едноставна причина што била најавена бура. Вели дека помош од Валандово и од Радовиш ниту побарале, ниту пак, им било понудено.

Струмица вчера живееше во знакот на Ден на жалост. Во кафулињата не се слушаше музика, луѓето сочувствуваа со настраданите.

„Нема пострашно од поплава и од пожар”, коментираа струмичани. Тие се горди на својот град што голем број нивни сограѓани самоиницијативно се пријавија да отидат и да го гаснат пожарот.

Над турско маало каде што гореше во понеделникот е црнило до црнило. Вработените во „Гранит” го прошируваат тампонираниот пат, кој потоа ќе се асфалтира до Царевите кули. Од центарот на градот се стигнува за десетина минути. Патот на моменти е тесен и тешко може да се разминат две возила. Впечаток е дека многу возила и не минуваат. Бидејќи во тој дел има педесетина куќи, главно сиромашно население, кое преживува на разни начини. Еден од нив е собирањето дрва од околните ридови. Поради тоа, граѓаните стравуваат оти некој ќе ја потпали шумата и ќе направи беља за цел град, кој спие како во школка.

„Прво на тоа помисливме, ни на крај памет не ни беше дека некоја жена ќе пали стари алишта“, се чудат тие.

И со новиот асфалтиран пат, кој се очекува да ја зголеми фреквенцијата на движење поради атрактивните Цареви кули, спомените од кобната јулска ноќ засекогаш ќе останат како потсетник на големото зло.

Кривична пријава за девојката што го предизвика пожарот

Дваесет и четиригодишна девојка го предизвикала пожарот во Струмица, во кој двајца браќа го загубија животот, борејќи се со огнената стихија. Истрагата покажала дека Е.М (24) од Струмица, запалила стари алишта под една грмушка. Притоа предизвикала пожар од поголеми размери на местото викано „Ч’млк“ над градот Струмица.

Полицијата поднесе кривична пријава против неа поради сомневање дека сторила кривично дело „предизвикување општа опасност“.

„Пријавената во периодот меѓу 11 и 12 часот на улицата „Бошко Буха“ во Струмица, на околу 50 метри од последните куќи во кои живеала, запалила стари алишта, по што предизвикала пожар“, соопшти МВР.

При преземање на мерки за гаснење на пожарот од страна на надлежните институции, на околу 200-300 метри од крајот на улицата „Крушевска Република“, на шумска патека во правец на место викано „Двата пата“, со изгореници се здобија 14 лица, од кои двајца починаа, а уште двајца се тешко повредени.

Кривична одговорност за секој што ќе подметне пожар

„Сите што се на каков било начин вмешани во загрозување на општата безбедност на граѓаните преку потпалување, ќе бидат изведени пред лицето на правдата. Така ќе биде и за случајот со пожарот во Струмица“, изјави вчера министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски. Тој нагласи дека годинава во Македонија статистички има помал број пожари од лани, но со несреќни случаи. Индикаторите покажуваат дека над 90 отсто од нив се намерно предизвикани. „Вработените во ЈП ’Македонски шуми‘, припадниците на шумската полиција и останатите релевантни институции се максимално ангажирани во случај на пожар“, истакна министерот Димовски. (Ек.Р.)

Третиот повреден и натаму во критична состојба

Третиот најтешко повреден, кој е со 90 отсто најтежок степен на изгореници по телото и натаму е во критична здравствена состојба. Тој се' уште е приклучен на апарати за вештачко дишење на одделот за интезивна нега при Градската хируршка клиника „Св. Наум Охридски“ и се бори за живот.

Во нешто постабилна здравствена состојба е и чевртиот повреден, кој е со 40 до 50 отсто изгореници. Тој поради тешки изгореници на градите, му беше ставена цевка во душникот за да може да дише. Но, и за него лекарите не се со оптимистичка прогноза.

Петнаесетгодишиното дете веќе е префрлено на одделот за пластична хирургија, каде што ќе подолжи неговото лекување. Тој е со 20 до 30 отсто изгореници на една дланка и нога, како и на грбот. (J.J.)

И гледавме на смртта во очи

„Настан што ќе го паметам цел живот и искуство што сакам да го заборавам“ - вака Блажо Иљачев зборува за понеделничкиот кошмар што го преживеал. Тој е соселанец на настраданите браќа. Со нив бил кога судбината им погледнала во очи. Го сретнавме додека излегуваше од семејната куќа. Со превез на раката тргна кон домот на загинатите браќа. Со нив делел добро и лошо. Израснале заедно, работеле заедно, се радувале и тагувале заедно.

„Околу 16 часот добивме повик да се јавиме на задача. На почеток ни се чинеше дека не е ништо опасно. Мислевме дека лесно ќе излеземе на крај со пламенот. Малку по малку, ситуацијата се влошуваше. Потоа, почна да дува и да врне. Околу 18,40 часот пред очи ја видов смртта. Се дигна вител висок дваесетина метри. Брз и силен. Оганот минуваше и по 100-200 метри за една минута. Или барем така ни се чинеше. Немаше каде да бегаме. Да трчаш нема шанси, ќе те стаса за миг и ќе те изеде. Легнавме на земја. Оганот мина над нас“, раскажува Иљачев.

Тој се здобил со изгореници на десната рака. Бил хоспитализиран во локалната болница. Имал среќа, се спасил од најлошото. Свесен е дека неговата професија е таква. Повторува дека никогаш не знае што му носи денот. Но, нема дилеми дека по санирањето на повредата, тој ќе се врати на своето работно место. (Г.А.)


Статијата е прочитана 1461 пати.

Испрати коментар



Правила, што беше тоа?
На прошетка низ Охрид
Бан Ки-мун на жешка линија со Скопје и со Атина
За исклучено парно ќе се плаќа 10 отсто од сметката
Струјата и парното поскапеа среде лето
СДСМ го одложува митингот во Скопје поради слаба посетеност
Граѓаните масовно се приклучуваат на „Работното лето“
Црвенковски дискриминирал по род и пол



suze, 26.07.2012 12:05:18
Сега девојкта ќе ја прогласат за непресметллива со оглед на тоа што навистина е тешко да се поверува дека некој нормален би палел алишта во шума кога на светов постојат многумина кои би биле благодарни истите да ги добијат како подарок.Колку малку е потребно некој да се усреќи а притоа не би била предизвикана штета, ниту би биле изгубени човечки животи!Навистина е тешко да се поверува дека постојат вакви млади поматени умови!Сочувство до семејствата на загинатите.

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИE

Што прават денеска
 


Site Meter


Време
Скопје, 36°C

Делумно облачно

Понеделник
Ведро
Макс: 34°C, Мин: 18°C

Вторник
Ведро
Макс: 34°C, Мин: 18°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани

Светски рекорди во пливање за Волмер и Ван дер Бург
Кај жените Американката Дана Волмер го сруши рекордот на 100 метри пеперутка, додека Камерон Ван дер Бург од Јужна Африк...
Светски рекорд во пливање за Шивен Је од Кина
Hа патеката од 400 метри мешано, 16-годишната пливачка од Кина Шивен Је постави нов светски рекорд и освои златен медал...
Првиот златен медал за Силинг Ли од Кина
Силинг Ли го освои првиот златен медал на Игрите во стрелаштво во дисциплината 10 метри воздушна пушка...
(ФОТО) Отворање на Олимписките игри во Лондон
Усеин Болт посакува четири олимписки злата

Дневник  | Вест | Теа Модерна | Огласник24

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп |