25.07.2012, 19:09 Црвенковски дискриминирал по род и пол
Дискриминаторска е изјавата на Бранко Црвенковски од Неготино, во која тој вели дека овој град, некогаш еден од најубавите и најсредените во Македонија, денес наликува на една голема куќа, на еден голем дом на којшто му е потребно и генерално чистење и генерално средување, а за тоа е најдобра женска рака, стои во соопштението на Комисијата на заштита од дискриминација. Според ова тело, ова е дискриминаторско однесување врз две основи – пол и род. Наедно, оценува Комисијата, ова претставува и поттикнување на дискриминација, но и потежок облик на дискриминација – повеќекратна дискриминација.
Комисијата посочува дека во современото општество не постои поделба на работните, домашните, но и на сите обврски, воопшто, врз основа на полот. Напротив, стои во соопштението, овој вид поделба претставува нееднаков и неповолен третман на, во овој случај, група луѓе и нема место во современите демократии.
Во вчерашното соопштение Комисијата наведува дека имајќи предвид оти предизборните активности за локалните избори 2013 година се веќе почнати, првенствено сака да им укаже на политичките партии, но и на другите учесници во предизборниот и изборниот процес, да обратат внимание на дискурсот со кој и' се обраќаат на јавноста, со цел избегнување на потенцијални дискриминаторски однесувања.
Комисијата за заштита од дискриминација апелира до сите учесници во предизборниот процес да се воздржат од какви било дискриминаторски однесувања и изјави, затоа што еднаквоста, почитта и недискриминацијата се темели на секое демократско општество. (П.Р.) |