29.07.2012, 19:37 Македонските политичари да се обединат во одбрана на името
Пограничната средба на Македонците од егејскиот дел на Македонија годинава ја проследија едвај околу 1.000 граѓани и само двајца заменици-министри
Битола - „Да се соединат сите македонски политичари во одбрана на името и македонскиот идентитет“. Ова е главната порака од 32. Погранична средба на Македонците од егејскиот дел на Македонија, која вчера се одржа во потпелистерското село Трново.
Под дебелите сенки во дворот на црквата „Пресвета Богородица“ годинава се собраа едвај околу 1.000 граѓани, иако години наназад на оваа Погранична семакедонска средба доаѓаа и по пет до десет илјади посетители, особено на почетокот на деведесеттите години. Сега имаше повеќе скараџии и посматрачи отколку гости на средбата. И државниот врв реши годинава во Трново да присуствува само со заменици-министри. Дојдоа Емил Димитриевски, заменик-министер за одбрана, и Зоран Коњановски, за земјоделство. Тука беа и пратениците Лилјана Кузмановска и Влатко Ѓорчев, кому веројатно му беше здодевно, па додека претставниците од дијаспората ги читаа официјалните поздравни говори, тој си читаше весник „Его“. Индиферентноста на државниот врв особено падна во очи бидејќи пограничната средба отсекогаш била место од каде што се упатувале политички пораки и се тонирале односите со Грција.
„И денес ќе речеме отворено: Бугарија, Грција и Албанија се окупатори на Македонија. Нема ниту да се криеме, ниту да се молиме за името. Името е едно и нема никој да ни го земе. Само македонските политичари тука да не се напаѓаат едни со други, да се борат заедно за името Македонија, кое го има со илјади години и пред Грција. Вечна да е Македонија“, рече Андон Шекревски, член на „Виножито“.
Н�� средбата беше искоментирана и посетата на генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун на Македонија, како и потегот на премиерот Никола Груевски да го отвори прашањето за правата на македонското малцинство во Грција, од враќање на имотите, давање двојно државјанство и слободно движење.
„Лека-полека работите доаѓаат на свое место. Тоа е така зашто се најде човек кој кажа пред целата меѓународна јавност дека таму во Беломорска, односно Егејска Македонија има Македонци. Тие останаа вџашени“, рече Ефтим Митревски, претставник на партијата на Македонците за европска интеграција од Албанија, заклучувајќи дека правата на Македонците во егејскиот и пиринскиот дел се потешки отколку во Албанија.
Со поздравен говор срочен во стихови претставникот на ОМО „Илинден Пирин“, Димитар Иванов, ги загатна односите меѓу Гоце Делчев и Даме Груев, за историски недоистражените и темни петна околу предавството и убиството на Делчев. Пеце Аспровски, пак, претседател на Здружението на Македонците од егејскиот дел на Македонија со седиште во Битола и оваа година апелираше за вклучување на што повеќе млади во организацијата. (А.Б.) |