29.07.2012, 20:07 До работно место само со многу среќа и трпение
Бројките велат дека 447.000 луѓе се иселиле од земјава, заклучно со 2010 година, и според Светска банка Македонија е во групата со најмногу емигранти
Сања Наумовска
Многу среќа, уште повеќе трпение и упорност да се чека долго време е рецептот со кој младите и високообразовани Македонци можат да дојдат до работно место. Ако амбициите не им се насочени кон некое место во државните институции, каде што патот до работното столче е сосема поинаков, штотуку завршените студенти ја почнуваат тешката борба за вработување најчесто сурфајќи по специјализираните веб-страници полни со огласи за вработување на различни профили. Се испраќа однапред подготвена биографија и со доволна доза на трпение се чека поканата за интервју. Но, оние кои се подготвени да најдат работа што побрзо, се решаваат своите податоци да ги испратат и на адресите на компаниите кои не бараат нови работници. Меѓу младите одамна е познато дека добростоечките македонски фирми не ги одбиваат пријавите на потенцијалните кандидати, туку оние кои ќе ги сметаат за соодветни ги чуваат и по неколку месеци. Многумина на овој начин дошле до многу посакуваното работно место.
„Нема многу сериозни понуди за вработување, особено не за високообразовните кадри“, вели 25-годишниот Благој, политиколог, кој магистрирал пред два месеци. Тој бара работа подолго од една година и досега бил на неколку интервјуа. Му успеало и накратко да се вработи, но сепак не во својата струка. Вели до огласите се стасува лесно, со еден клик на интернет. Најтешкото доаѓа откако ќе аплицираш.
„Речиси секојдневно отворав различни веб-страници на кои има огласи за вработување. Се знаат оние кои се попрофесионални и кои секојдневно ги ажурира��т податоците. Нови огласи има постојано, речиси за секоја категорија, но работните места кои се нудат најчесто не гарантираат некоја добра перспектива и добра плата“, вели Благој.
На огласите на интернет-страниците најмногу се бараат квалификувани работници во градежништвото, пекари, комерцијалисти, сметководители или агенти за осигурување, потоа преведувачи или пак келнери и готвачи. Меѓу огласите се наоѓа работа и за по некој информатичар, машински инженер и архитект, но речиси и да нема побарувачка, на пример, за правници, доктори или филозофи.
„Најчесто на огласот има краток опис на слободното работно место, но и да добиеш покана за интервју, не можеш докрај да бидеш сигурен каква работа ќе добиеш. Се случува иако се бара работник за едно, да се понуди друго, се разбира, полошо работно место“, објаснува Благој. Тој вели дека има лошо искуство со огласи во печатени медиуми, па весници веќе не прелистува. „По една година безуспешно јавување на интервјуа, полека но сигурно ја губам надежта дека набрзо ќе се вработам. Веќе некое време немам отворено ниту еден оглас и не знам што понатаму“, вели Благој.
Во брзината и актуелноста на интернетот и специјализираните веб-страници својата шанса да најдат работници ја гледаат и македонските работодавци. Иако законот сега дозволува и работно место кое ќе се понуди на огласната табла во Агенцијата за вработување да се смета како оглас, сепак, и работодавците најмногу се потпираат на барање работници преку печатените медиуми и на интернет.
„Може да се каже дека кај нас најдефицитарни се кадрите од природните науки, математичари, физичари или информатичари. Сепак, кога ќе погледнеме во статистиката дека и од овие профили имаме невработени, доаѓаме до заклучок дека кај нас всушност високообразовните кадри се создаваат побрзо отколку што се отвораат нови работни места“, вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија. Тој вели дека денес не е тешко брзо да се најде работник, а работодавците најмногу го користат интернетот. За специфични потреби, како сезонски работници или група работници со исти квалификации често се користи базата на податоци на Агенцијата за вработување или приватните фирми за посредување при вработување.
„Банките или некои други поспецифични компании, не чекаат да се јави потреба од нови вработени, туку интервјуата ги организираат однапред и имаат своја база на податоци за потенцијални кандидати. Поголем проблем се појавува кај компаниите кои, на пример, бараат поспецифични профили на работници кои имаат потреба и од доквалификација“, објаснува Димитров. |