31.07.2012, 20:13 Министерот им броел услуги на лекарите?
Во најмалку десетина болници и клиники платата според ефикасност не можела да профункционира поради технички пречки или поради отпор на вработените
Јасмина Јовановска
Во болниците и клиниките каде што платата според ефикасност не можела да профункционира поради технички пречки или отпор на вработените, услугите на лекарите ги броело Министерството за здравство. Овој проблем, според неофицијални извори, го имало во најмалку десетина здравствени установи, а меѓу нив се споменуваат Клиниката за гинекологија, Гинекологија - Чаир, Клиничката болница во Штип, болницата во Кавадарци.
Од Министерството за здравство ниту демантираат ниту потврдуваат дека тие броеле колку прегледи и операции направиле лекарите во установите каде што не се водела електронска евиденција на работата на лекарите. Објаснуваат дека сите болници и клиники воделе евиденција, а тие помогнале кај оние установи што имале пречки со електронската евиденција на услугите.
„Не може лекарите да не воделе евиденција на операции и прегледи кога секој лекар според законот води медицинска евиденција. Некои од болниците имаат проблем со информатичкиот систем за електронска евиденција на услугите на лекарите, но тие сега се надминати“, велат од кабинетот на министерот за здравство, Никола Тодоров.
Кај колку вакви установи било интервенирано за да се реши евиденцијата од Министерството не сакаа да прецизираат, туку само рекоа дека се неколку болници и потврдија дека меѓу нив се Клиниката за гинекологија и штипската Клиничка болница.
Новиот начин на плаќање, сепак, на површина ќе ги исфрли лекарите кои помалку работат, без да се води сметка која е причината за тоа и дали секој може да ја постигне бараната норма. Со платата по успешност, едни лекари ќе бидат казнети за други да бидат наградени.
„Кај нас се применува системот. На половина месец петмина-шестмина колеги ги опоменав дека малку заостануваат во работата во однос на другите лекари. Едни имаат процент на работа од 89, додека други 92 отсто. Има професори што работат премногу, а има и млади лекари кои сакаат по малку да забоштуваат. И покрај укорот, на крајот на месецов на нашата клиника сигурно ќе има лекари што ќе земат помала плата, но и такви што ќе бидат наградени. Од оние што ќе бидат казнети ќе ги наградиме оние што работеле повеќе. Но, се надевам дека од идниот месец ќе нема казнети, бидејќи сите ќе ја сфатат сериозно платата според успешност“, смета д-р Аспасија Софијанова, в.д.директорка на Клиниката за детски болести.
На воведувањето плата според ефикасност реагираа лекарите кои велат дека во трка за плата ќе бараат само услуги што им носат повеќе поени. „Наместо поедноставни операции, на болните може да им се прават посложени услуги за да ја заработиме платата“, укажуваат лекарите.
Од Клиничкиот синдикат, пак, уште пред да се воведе платата според ефикасност, укажаа дека овој систем се коси со Законот за работни односи и со Колективниот договор. „Да не се земе од еден лекар за да му се даде на друг. Треба да се почне од 100 отсто плата, па да се оди нагоре. Се' друго може да повлече тужби и дополнителни трошоци за Фондот за здравствено осигурување. Бидејќи 100 отсто плата е загарантирана со Законот за работни односи и со Колективниот договор“, објаснуваат од Клиничкиот синдикат. |