31.07.2012, 20:14 И платата за лекари мегдан за препукувања
„Зад проектот ’Плата според ефикасност‘ се крие обидот на мала врата да им се намалат платите на лекарите“, вели генералниот секретар на СДСМ, Андреј Петров. „Опасно е да се става настрана искуството, едукацијата и научниот пристап и квалитетот да се замени со квантитет. Се прави обид лекарската професија да се претвори во трговска гранка, каде што основна мерка ќе претставува обртот. Го повикуваме министерот за здравство да седне на заедничка маса со лекарите, да разговара и место казнување според ефикасност и кратење на мизерните плати, да го воведете принципот наградување според ефикасност на врвните професионалци кои половина животен век го поминале во едукација и работат една од најсложените професии“, додаде генералниот секретар на СДСМ.
„Платата според ефикасност не е ништо друго туку целосно десубјективизиран концепт на награда и казна. Оној што работел повеќе од другите да биде награден, а оној што не работел да биде казнет, а директорот со ништо да не може од политички, лични, пријателски, роднински или кои било други причини некого да повласти или неоправдано да казни“, е одговорот на министерот за здравство, Никола Тодоров, на реакцијата на Петров. Тодоров тврди дека системот е така дизајниран што ако сите доктори работат еднакво, сите ќе земат 100 отсто од својата плата. Пациентите ќе имаат директна корист, помалку ќе чекаат пред вратите на ординациите, ќе добијат побрза здравствена услуга. А прашањето за квалитетот зависи директно од знаењето и вештината на докторите“, додаде Тодоров во реакцијата.
|