25.07.2012, 15:36 Обвинителството тврди дека има цврсти докази за двојното убиство
Четворица завршија во притвор за убиството на Тушевски. По тројцата извршители на убиството од Србија ќе биде распишана потерница
Обвинителството тврди дека има повеќе битни докази кои се обезбедени за време на шестмесечната истрага која беше спроведена во изминатиот период. „Сметаме дека имаме доволно цврсти докази за да покрене истрага за двојното убиство кое се случи пред 11 години на Марјан Тушевски и Кире Јанев во скопската населба Капиштец. Истрагата беше спроведена во координација со МВР“, велат надлежните од скопското јавно обвинителство.
Четворица од приведените во полициската акција „Ровер“ за расветлување на убиството на Марјан Тушевски и Кире Јанев во скопската населба Тафталиџе кое се случи пред 11 години, завршија во 30-дневен притвор. По распитот кој во текот на завчерашниот ден беше извршен во односниот суд Скопје 1, притвор им е одреден и на четворицата српски државјани и на еден вработен во МВР кои се наоѓаат во бегство. Останатите од вкупно 15-мината кои се осомничени, ќе се бранат од слобода.
„Против тројца обвинети Јавниот обвинител не поднесе предлог за определување на мерка притвор, а против останатите обвинети по нивното сослушување и дадениот исказ пред истражен судија ЈО го повлече предлогот за определување на мерка притвор. За понатамошниот тек на оваа постапка со оглед фактот да во истата треба да се изведат други предложени докази од страна на Јавното обвинителство јавноста од страна на судот ќе биде информирана со соопштение“, информираа денеска од Основниот суд Скопје 1.
Според суските информации, дел од обвинетите зборувале пред истражниот судија, но дел од нив се бранеле со молчење.
Скопскиот јавен обвинител Марко Зврлески вели дека го повлекле предлогот за притвор за дел од осомничените, бидејќи престанале основите за изречување на таква мерка. „Осомничените дојдоа во судот, дадоа изјава и веќе нема основа за изрекување на притвор. Но, тоа не значи дека е анестирана нивната одговорност во понатамошната постапка“, велат во сскопското јавно обвинителство, кое што ја води истрагата.
Пред истражен судија завчера беше донесен и поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски кој е на издржување на петгодишната затворска казна во „Идризово“. На него не му е одредена мерка притвор, со оглед на тоа дека Обвинителството оценило дека нема потреба за тоа - Бошкоски ниту може да побегне, неможе да влијае на сведоци, ниту пак има опасност да го повтори делото.
Од Јавното обвинителство најавуваат дека против четворицата странските државјани ќе биде распишана потерница. Засега нема информации дали тие се уште се наошаат во Србија, чии државјани се. Тројцата Срби - Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ се сомничат дека се директни извршители на убиството, а останатите 12 лица дека помагале во негово извршување и прикривање на делото. Убиството беше извршено на 10-ти јули 2001 година додека Тушевски и Јанев излегувале од кафуле во населбата Капиштец. Убијците стрелале во нив рафално по што избегале. (Д.Т.)
|