23.07.2012, 16:09 Фадил Бајрами именуван за вицегувернер на НБРМ
Собранието на Република Македонија го поддржа Предлогoт за именување вицегувернер на НБРМ. Со 70 гласови „за“ Фадил Бајрами доби поддршка за уште еден седумгодишен мандат.
Во текот на кусата расправа, Изет Зеќири од НДП оцени дека предлогот Бајрами да ја извршува функцијата во секторот трезорски работи и информатичка технологија е понижувачки и потценувачки зашто со тоа, практично, нема никаква улога во клучните функции на Банката.
- Очекував Бајрами, како доктор по економски науки, да биде унапреден и наместо периферни должности, да добие друга позиција, во некој од клучните сектори, утврдување на монетарната политика, регулирање на ликвидноста, плаќањата во странство, девизниот курс на денарот, девизните резерви, издавањето дозволи за основање банки и штедилници,..., рече Зеќири.
Според ДПА, чии пратеници не го поддржаа предлогот, Бајрами како вицегувернер во претходниот мандат не сторил ништо за Албанците.
- Разочарувачка беше работата на Бајрами во изминатите седум години. Тој беше целосно маргинализиран, без конкретна улога во НБРМ. Немаше никакво влијание во монетарната политика на државата, истакна Беким Фазлиу.
Собранието, на барање на ДПА, ќе ја продолжи седницата по еден час пауза.
|