23.07.2012, 21:52 Филе задоволен од напорите на Македонија за влез во ЕУ
Министерот за надворешни работи Никола Попоски попладнето оствари средба со Еврокомесарот за проширување Штефан Филе
На средбата со Еврокомесарот Филе беше реафирмирана посветеноста на РМ во исполнувањето на критериумите за интеграцијата на Република Македонија во ЕУ.
Министерот Попоски изрази задоволство од соработката со Европската комисија и упати благодарност за континуираната поддршка и динамизирањето на евроинтегративните процеси на нашата земја во изминатиот период. Дополнително, информираше за континуираното оддржување на добрососетските односи со преземање на конкретни гестови од страна на Република Македонија.
Министерот повтори дека започнувањето на преговорите со ЕУ претставува наша примарна цел и заложба. Донесувањето на таквата одлука од страна на ЕУ ќе го зачува кредибилитетот на процесот на проширување во случајот на Македонија и ќе внесе сигурност во евроинтегративниот процес. Комесарот Фуле нагласи дека Комисијата и понатаму е подготвена да работи заедно со Македонија во исполнувањето на клучните предизвици и обврски од процесот на пристапување. Исто така ја искажа посветеноста за успешно реализирање на престојниот трет по ред Пристапен дијалог на високо ниво, кој е закажан за 17 септември 2012 година.
На маргините на денешните активности на Министерот Попоски во Брисел, беше остварена средба и со министерот за европски прашања на Данска, Николај Вамен. На оваа средба главни теми беа надворешно-политичките приоритети на Република Македонија, во контекст на интеграциите во ЕУ и НАТО.
Министерот Попоски уште еднаш нагласи дека Македонија останува посветена на своите стратешки цели – да стане полноправна членка и на ЕУ и НАТО. Министерот Попоски се заблагодари за преземените активности на Данското претседателство кон процесот на проширување, кои несомнено дадоа ефект во унапредувањето на европската перспектива на земјите од Западен Балкан.
Притоа, го пренесе очекувањето за натамошна, засилена поддршка од страна на Кралството Данска во насока на донесување на одлука за почеток на преговорите за Македонија.
|