24.07.2012, 15:02 Семејството го брани синот убиец
На прашањето дали ќе застанат зад Холмс, адвокатот и портпаролот на семејството Лиза Дамијани на денешната конференција за печат изјави: „Да, тие ќе застанат. Тој е нивен син“
Семејството на обвинетиот напаѓач Џејмс Холмс вели дека ќе го поддржат синот обвинет за влегување во киносала во почетокот минатата недела и убивање на 12 и повредување на други 58 лица. На прашањето дали ќе застанат зад Холмс, адвокатот и портпаролот на семејството Лиза Дамијани на денешната конференција за печат изјави: „Да, тие ќе застанат. Тој е нивен син“.
Дамијани изјави дека семејството се држи „онолку добро колку што може со оглед на околностите“. „Мислам дека секој може да замисли како тие се чувствуваат“, вели Дамијани, „секој што е родител“.
Дамијани не сакаше да коментира за местото каде што престојува семејството или пак за нивниот однос со Холмс. Портпаролката изјави дека семејството разговарало со иследниците од Калифорнија, но со него не било контактирано од страна на полицијата во Колорадо.
„Никој од полицијата во Аурора не не' контактираше, ниту пак побара помош од нас“, изјави таа.
Осомничениот убиец од Аурора вчера првпат беше изведен пред судот за да му се продолжи истражниот притвор.
24-годишниот Џејмс Х. во судската сала во американската сојузна држава Колорадо остави впечаток дека е збунет и целосно отсутен. За време на краткото сослушување, тој постојано ги затвораше до половина очите и не изговори ниту еден единствен збор. Неговата коса беше портокалово бојадисана. До почетокот на процесот се очекува да минат повеќе недели. Осомничениот и натаму се противи да соработува со властите. Додека да биде познат мотивот за сторерното дело, велат од полицијата, можат да поминат месеци. (Еј-Би-Си њуз)
|