23.07.2012, 09:32 Тројца загинати во пожарите во Шпанија
Три лица загинаа при голем пожар што избувна вчера попладне во североисточниот дел на шпанскиот регион Каталонија, во близина на границата со Франција, соопштија локалните власти.
Како што јавија шпанските медиуми, еден маж починал од срцев удар додека се обидувал да го гаси огнот што се приближувал до неговиот дом. Две други лица пак загинале, кога биле принудени да скокнат во водите на Средоземното Море, откако огнот зафатил колона возила што се движееле по пат крај самиот брег.
Според болнички извори, при пожарот се повредени над сто лица, кои се здобиле се изгореници или се задушиле од чад.
Во гаснењето на пожарот, кој досега уништи над 7.000 хектари површина, се вклучени 80 противпожарни екипи.
Локалните власти испратија апел до жителите на девет населени места во реонот во кој беснее огнот, херметички да ги затворат своите домови и да не излегуваат надвор, бидејќи засега е невозможна нивна евакуација. Огнот предизвика и прекин во електроенергетскиот систем, поради што без струја останаа околу 4.000 домаќинства.
Поради огнот има проблеми и во одвивањето на сообраќајот во северните делови на Каталонија. Во прекин е железничкиот сообраќај од Барселона кон француската граница, а поради густиот чад затворен е и една од главните патни правци меѓу Шпанија и Франција од Фигерес до Перпињан.
Шпанските медиуми наведуваат дека годинава Шпанија е зафатена од невообичаено голем број пожари како последици на сушата и натпросечно високите температури. При неколку големи пожари во реонот на Валенсија на почетокот на месецов беа уништени 50.000 хектари површина. |