24.07.2012, 12:31 Тројца од повредените во пожарот се борат за живот
Директорот на Клиниката за хирушки болести „Св.Наум Охридски“, Јасминка Чабуковска изјави дека повредените се во исклучително тешка општа состојба
Тројца од петтемина повредени во пожарот во Струмица, кои синоќа беа хоспитализирани на Клиниката за хирушки болести „Св.Наум Охридски“ во Скопје, се борат за живот и се во исклучително тешка општа состојба и покрај преземените мерки во текот на ноќта и изутрината за нивно згрижување и третман. Едниот од тројцата пациенти е во тешка општа состојба, се бори за живот, откажуваат неговите витални органи и се прават обиди да се одржи во живот.
Ова денеска го изјави директорот на Клиниката за хирушки болести „Св.Наум Охридски“ во Скопје, Јасминка Чабуковска.
Таа посочи дека еден од пациентите кој има изгорена површина од околу 50 отсто покажува извесни знаци на подобрување и кај него за да се олесни респирацијата и дишењето се планира интервенција таканаречена трахеостома.
- Повреденото дете со 40 отсто изгорена површина од втор и трет степен се наоѓа во стабилна општа состојба, не е витално загрозено и кон крајот на денот или изутрина ќе биде префрлено на Одделот за пластична и реконструктивна хирургија, истакна Чабуковска.
Во врска со возраста, најстариот пациент е роден во 1959 година, детето е родено 1997 година, а другите се 60 односно 70 годиште.
Во Струмичката болница се хоспитализирани 10 пациенти со изгореници од кои седум деца и тројца возрасни. Тие се со стабилни витални параметри и се вон животна опасност.
Пожарот избувна вчера напладне во местото Чамчифлик, зафати борова шума и смрека на околу 100 хектари, по што се прошири кон градот, но беше изгаснат од дождот во 19 часот и 30 минути.
Според првичните сознанија на Центарот за управување со кризи, причина за пожарот кај Струмица е човечки фактор
|