23.07.2012, 15:40 СДСМ: Синдикатот да почне да се грижи за работниците
СДСМ смета дека Сојузот на синдикати на Македонија и неговиот претседател Живко Митровски станале апологети на власта не грижејќи се за правата на работниците, кои секојдневно се намалуваат.
Кризата, падот на индустриското производство, падот на бруто општествениот производ, неликвидноста предизвикана од долговите на Владата кон стопанството, генерираат голем број отпуштања и се' поголем број на невработени. Според СДСМ, наместо Синдикатот да биде со работниците, тој станал „апологет на немилосрдното малтретирање на работниците и партнер на власта“.
„Тоа не беше доволно, па во интервју за „Радио Слободна Европа“, запрашан да коментира за положбата на работниците, Митревски изјави дека „не е толку лошо како што се прикажува“. Бидејќи очигледно тој одамна се нема сретнато со работниците и има изгубено чувство за реалноста, еве да му помогнеме - „навистина не е толку лошо колку што се прикажува, туку полошо е“, рече на денешната прес-конференција потпретседателот на СДСМ Гордан Георгиев.
Според СДСМ, доколку ССМ нема идеја, може да почне од предлозите кои СДСМ во континуитет ги предлага за подобрување на состојбата на работниците - минималната плата да важи за сите сектори, таа стриктно да се применува со вклучување на УЈП како контролор на исплатата, да се врати старото законско решение со кое периодот за кој се дава о��ештетување при отпуштање на работници од работа повторно да биде 5 години, и друго.
|