25.07.2012, 11:35 Американски генерал обвинет за прикривање злоупотреби во Авганистан
Поранешниот шеф на Мисијата на НАТО за обука на авганистансите војници, американскиот генерал Вилијам Колдвел е обвинет дека се обидувал да го прикрие скандалот поврзан со една воена болница во Кабул, со цел „да спречи испраќање лоши вести“ во Вашингтон во пресрет на изборите за Конгресот на САД во ноември 2010 година, објавија американските медиуми.
Во документите за овој случај, што ги разгледува комисија на Претставничкиот дом, се посочува дека американски воени офицери уште во 2010 година алармирале поради „исчезнувањето“ на средства од кабулската воена болница „Дауд“ и поради лошите услови на лекување на ранетите авганистански војници.
Голем број авганистански војници лекувани во оваа болнца починале поради неухранетост или недоволна грижа. Средствата наменети за купување лекови и медицински помагала за болницата биле трошени двојно побрзо од истата сума на пари наменета за американската воена болница во Авганистан, што ги поттикнало сомнежите за злоупотреби.
Како што јавуваат американските медиуми, иако знаел за ова, генерал Колдвел ги убедил неговите соработници да не го пријават случајот во главниот инспекторат на Пентагон во пресрет на изборите во 2010 година.
Во текот на сослушувањето пред Комисијата на Претставничкиот дом, полковникот Џералд Кароза изјави дека условите во воената болница „Дауд“ биле како во Аушвиц, додавајќи дека генерал Колдвел „несакал да доаѓаат лоши вести од неговиот штаб пред изборите“.
И полковникот Марк Фасил изјави дека Колдвел, кого американскиот претседател Барак Обама пријателски го ословувал со Бил, не сакал да предизвика скандал пред изборите. Според Фасил, Колдвел велел дака сакал да се спроведе истрага за условите за работа во авганистанската болница, но дека тоа треба да го направат самите Авганистанци.
Во моментов генерал Колдвел е стациониран во воена база во Тексас и очекува против него Пентагон да започне официјална истрага во врска со обвинувањата. |