25.07.2012, 12:52 Потпишан договор за модернизација на „Горна Радика“ и „Шарски води“
АД „Електрани на Македонија“ потпиша договори со домашната компанија БЕТОН АД од Скопје за ревитализација и за модернизација на доводот „Горна Радика“ и договор за санација на доводот „Шарски води“. Двата договора се со вкупна вредност од 3,9 милиони евра, а финансиските средства ги обезбеди АД ЕЛЕМ, соопшти компанијата.
Со реконструкцијата на доводот „Горна Радика“ или таканаречениот Речки канал, ќе се зголеми неговиот капацитет за 4 кубни метри во секунда и ќе се создаде можност за дополнително производство на 18 ГWh електрична енергија од мавровските хидроелектрани. Меѓу придобивките што ги носи овој зафат се зафаќање на преливните води и оптимално балансирање на водниот капацитет на зафатите Штировица и Црн Камен. Исто така, значително ќе се намалат трошоците за редовни ремонтни активности и ќе се штеди вода при нивното изведување. Се очекува и значително подобрување на безбедноста на каналот за следниве 50 години експлоатација, а ќе се минимизира и ризикот од потенцијално лизгање на земјиштето.
Реконструкцијата на доводот „Шарски води“ ќе значи и елиминирање на загубите на вода по целата должина на доводот и елиминирање на потенцијални критични места од евентуално лизгање на земјиштето во должина од 64 км, колку што изнесува и должината на каналот. Реализацијата на овој зафат, како што информираат од ЕЛЕМ, ќе значи заштеда на вода при ремонтни активности на мавровските хидроелектрани. По завршувањето на градежните работи, доводот ќе може непречено да се користи и да биде еден од клучните делови за мавровските хидроелектрани во наредните пет децении.
Од вкупните предвидени инвестиции во износ од 31.8 милиони евра за ревитализација на шесте хидроелектрани, најголемиот дел се обезбедени преку кредитот од германската КФВ банка со вредност од 27.1 милиони евра, додека 4.7 милиони евра се обезбедени од сопствени средства на АД ЕЛЕМ.
|