25.07.2012, 09:44 Напаѓачот од Бургас во Бугарија влегол преку Шенген зоната
Бомбашот самоубиец, кој во црноморското летувалиште Бургас уби петмина израелски туристи , веројатно во Бугарија влегол од некоја држава на ЕУ која се наоѓа во безвизната Шенген зона, изјави синоќа бугарскиот премиер Бојко Борисов.
- Може да се покаже дека дошол од некоја земја членка на Шенгенот. Ова е трагата што со неколку други партнери од ЕУ во моментов ја истражуваме, изјави Борисов на прес-конференција по разговорот со Џорџ Бренан, советник за внатрешна безбедност и контратероризам на американскиот претседател Барак Обама.
Како што пренесуваат западните агенции, Борисов изјави дека бомбашот и неговите помагачи биле „исклучително искусни“. Тие се осомничени за нападот во кој во средата во автобус на аеродромот во Бургас загинаа петмина израелски туристи, бугарскиот возач на автобусот и напаѓачот.
- Според тоа што го знаеме, тие во Бугарија дошле еден месец порано. Постојано ги менувале автомобилите, што ги изнајмувале. Престојувале во различни градови, за да не бидат видени заедно, бидејќи ниту една видео снимка не прикажува повеќе од едно лице од оние за кои трагаме, додаде Борисов.
Тој наведе дека нападот бил изведен така што не било можно да се запре, „освен ако бугарските служби случајно би дошле до експлозивот во моментот додека се подготвувал“.
Борисов прецизираше дека со споредбата на ДНК примерокот на напаѓачот со базата на податоци ширум светот истражителите не успеале да го утврдат неговиот идентитет.
- Не ни е познат неговиот идентитет. Ние знаеме кога пристигнал, со кој број на лет и од каде, изјави бугарскиот премиер. |