24.07.2012, 14:40 Бан Ки-мун: Очекувам нормализација на односите Белград-Приштина
Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун изјави денеска дека УНМИК и натаму игра важна улога на Косово, во согласност со Резолуцијата 1244, и истакна дека од косовските власти очекува нормализација на односите со Белград.
- ЕУ презеде водечка улога во меѓународните напори во регионот. ОН ќе продолжат да соработуваат со сите меѓународни партнери во постигнувањето на заедничките цели на луѓето на Косово и поширокиот регион, рече Бан.
По слетувањето во Приштина, Бан одвоено се сретна со косовската претседателка Атифете Јахјага и со премиерот Хашим Тачи, а припадниците на движењето „Самоопределување“ по повод неговото доаѓање организираа протест во центарот на градот.
- Очекувам нормализација на односите со Белград, вклучувајќи подеднакво сериозност и искрена посветеност на дијалогот, рече Бан.
Истакнувајќи ја важноста на заемното уважување и продолжување на дијалогот за мирна и просперитетна иднина, Бан истакна и оти е загрижен за ескалацијата на насилствата на северот на Косово во последната година и оцени дека северот е „комплексно прашање“ кое мора да биде решено по мирен дијалог.
Бан денеска ќе го посети манастирот Високи Дечани, Призрен, а ќе разговара и со претставници на КФОР и ЕУЛЕКС.
|