23.07.2012, 10:16 Министерот Попоски во Брисел на средби со Филе
Министерот за надворешни работи треба да се сретне и со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Малта, Тонио Борг
Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски од денеска ќе престојува во дводневна работна посета на Брисел, по повод Деветтиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу нашата држава и Европската унија.
Според програмата од посетата на македонскиот министер за надворешни работи, тој денеска во 9 часот во Европскиот совет треба да се сретне со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Малта, Тонио Борг. Со оглед на тоа што двете земји кои ги претставуваат министрите се уште немаат воспоставено дипломатски односи, на агендата на разговори се очекува да биде прашањето за воспоставување такви односи по пресудата на Меѓународниот суд на правдата.
Исто така, министрите Попоски и Борг се очекува да разговараат за да се интензивираат контактите меѓу двете земји, на владино и парламентарно ниво, да се овозможи економска соработка на земјите. Македонскиот шеф на дипломатијата се очекува својот колега од Малта да го информира за постигнувањата на Македонија во исполнувањето на Копенхашките критериуми, да ја презентира ситуацијата во регионот и Пактот за стабилност за Јужно-европското претседателство.
По средбата со Борг, за 15 часот е закажана средба на министерот Попоски со Комесарот за проширување на Европската комисија, Штефан Филе, која ќе се одржи во „Берлемонт“. Освен за развојот од Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) меѓу Македонија и Европската унија, како и подготовка за септемвриската посета на Филе на Скопје во врска со ХЛАД-от, Попоски и еврокомесарот се очекува да разговараат за очекувањата од пристапот на новата Влада на Грција кон решавањето на проблемот со името со Македонија, како и за најавената посета на генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-Мун на Скопје, каде се очекува да дојде со посредникот во преговорите Метју Нимиц.
Откако ќе го заврши билатералниот состанок со Филе, министерот Попоски е најавено и дека во 15:45 часот ќе се сретне и со министерот за европски прашања на Кралството Данска, Николај Вамен во Европскиот совет. Со својот дански колега, македонскиот шеф на дипломатијата ќе разговара за европските перспективи на Македонија и очекувањето нашата земја до крајот на годинава да добие датум за почеток на преговорите за влез во Унијата. Исто така, Попоски се очекува на Вамен да му укаже на постигнувањата на Македонија во исполнувањто на копенхашките критериуми и Пристапниот дијалог на високо ниво со Европската комисија, но и за австриско-словачката иницијатива за раздвојување на прашањето за името од почетокот на пристапните преговори.
Сепак, централниот настан е утре, каде со почеток во 12:30 часот во Советот на Европската унија е закажан Деветтиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и ЕУ. На овој состанок, освен министерот за надворешни работи Попоски, од Македонија е најавено учеството и на Теута Арифи, заменик-премиерот задолжен за европски прашања во македонската Влада. По завршувањето на состанокот е најавена и прес-конференција.
Во 15:30 часот, исто така во Советот, министерот Попоски има закажано билатерална средба со министерот за надворешни работи на Кипар, Ерато Козаку-Маркулис. Со својата колешка од државата-претседавач со Советот на ЕУ, Попоски се очекува да разговара за очекувањата нашата земја да добие датум за почеток на преговори за влез во Унијата за време на кипарското претседателствување, но и за можноста од воспоставување дипломатски односи со оваа земја која е јавен и недвосмислен поддржувач на Грција и грчката политика.
По завршувањето на билатералната средба со кипарскито МНР, Попоски, заедно со вицепремиерката Арифи и нивните советници, утре попладне се очекува заедно да се вратат во Скопје.
|