23.07.2012, 11:39 Познат составот на новата српска влада, изборот до петок
По долги преговори, задкулисни комбинаторики и непредвидливи пресврти достојни за еден холивудски трилер, конечно е составена новата влада на Србија, која е подготвена да ја поведе државата, наведува српскиот весник „Вечерње новости“.
Во своите денешни изданија белградските медиуми посочуваат дека новата влада на лидерот на Социјалистичката партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ ќе има 19 члена и 17 министерства.
Најмногу министри во идната српска влада ќе има Српската напредна партија (СНС) на шефот на државата Томислав Николиќ. Вршителот на должноста лидер на СНС, Александар Вучиќ ќе биде прв потпретседател на владата, а партијата ќе има уште шест министри - за правда, за енергетика, за природни ресурси, за спорт, за култура и за земјодество.
Додека СНС нуди нови лица, социјалистите во идната Влада ќе партиципираат со актуелните министри. Така, досегашниот министер за образование и наука Жарко Обрадовиќ го задржува истиот ресор, а министерот за енергетика Милутин Мркоњиќ ќе раководи со Министерството за транспорт. Во Владата влегува и досегашниот претседател на српскиот Парламент, Славица Ѓуќиќ Дејановиќ, која ќе биде министер за здравство.
Лидерот на коалицискиот партнер на социјалистите, Партијата на обединетите пензионери на Србија (ПУПС), Јован Кркобабиќ ќе биде вицепремиер и министер за труд, контроверзниот прв човек на партијата Нова Србија, Велимир Илиќ ќе раководи со Министерството за градежништво, а претседателот на Социјалдемократската партија на Србија, Расим Љајиќ ќе биде вицепремиер и министер за трговија.
Првиот човек на Обединетите региони на Србија (УРС), Млаѓан Динкиќ ќе биде министер за финансии, а неговите сопартијки Верица Калановиќ и Сузана Грубешиќ ќе бидат министер за регионален развој и вицепремиер задолжен за евроинтеграции.
Нов српски министер за надворешни работи ќе биде дипломатот од кариера Иван Мркиќ.
Во пресрет на изборот на Владата, Дачиќ, кој ќе биде првиот премиер на Србија од редовите на СПС по 2000-та година, изјави дека неговата влада ќе функционира како тим независно од партиските разлики.
- Тоа што по 12 години премиер повторно ќе биде социјалист не значи политичка победа, туку испит дали кадрите на СПС можат да ја вршат работата. Наша основна цел ќе биде остра и безкомпромисна борба против корупцијата и организираниот криминал, борба за социјална правда и симнување на товарот на кризата од грбот на граѓаните и најсиромашните општествени слоеви, изјави Дачиќ.
Согласно коалицискиот договор на денешната конститутивна седница на новото српско Собрание за негов претседател треба да биде избран, Небојша Стефановиќ, член на најтесното раководство на СНС. |