25.07.2012, 15:02 (ФОТО) Македонија подготвена за интензивни разговори во спорот со Грција
Премиерот Никола Груевски му порача на денешната средба на генералниот секретар на ОН, Бан ки Мун
Македонија е подготвена за продолжување на динамизирани разговори за изнаоѓање заемно прифатливо решение за спорот со името, во случај Грција во блиско време да може да најде простор за разговори и одлука, а ако тоа не го стори, потребно е да се деблокираат процесите преку почитување на одлуката на Меѓународниот суд на правдата во Хаг и Времената спогодба од 1995 година, му порачал македонскиот премиер Никола Груевски на денешната средба на генералниот секретар на ОН, Бан ки Мун.
Премиерот Груевски, како што соопшти владината прес-служба, осврнувајќи се на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, како орган на ОН, констатирал неопходност од почитување на владеењето на правото, подеднакво од сите и без ексклузивитет и апелираше за доследно вреднување на одлуката на Меѓународниот суд на правдата, од страна на земјите членки на Обединетите нации. Тој истакнал дека непочитување на пресудата на Судот во Хаг е непочитување на Обединетите нации, кои се основачи на Судот, и апелирал до Генералниот секретар да вложи напор да го одбрани кредибилитетот на Судот, а со тоа и на Обединетите нации.
- И покрај различните идеи, како на пример барање за нов прием на Република Македонија под уставно име во Обединетите нации, или отворање на нова постапка пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, но и на користење на други форми и механизми на Обединетите нации, премиерот Груевски истакна дека негов фокус засега се активности за што е можно побрзо изнаоѓање на решение на овој децениски спор со посредство на Обединетите нации, за што се неопходни волја и одлучност и на Грција, кои засега отсуствуваат, се истакнува во соопштението.
Македонскиот премиер изразил подготвеност за директни средби на различни нивоа со колегите од Република Грција, а во интерес, како што рекол, на унапредување на дијалогот и градење на позитивна атмосфера, но и за дискусија за различни иницијативи кои би оделе во насока на создавање на добар амбиент меѓу двете земји.
Премиерот Груевски на средбата потсетил на извештајот на Геј Мекдугал, специјален претставник за човекови права на Генералниот секретар на ОН, кој се однесува на состојбата на македонското малцинство во Грција, направен по нарачка на Генералниот секретар на ОН како резултат на неговото барање во писмото до Бан Ки Мун во 2008 година, и апелирал да се согледаат препораките и заложба за почитување на правата на македонското малцинство во Грција, како и правата на лицата раселени после Граѓанската војна во Грција.
- Во овој контекст премиерот Груевски се заложи за правата и признавањето на македонското малцинство во Грција, неговите основни човекови права, пред се образовни и културни, како и правата на лицата раселени после Граѓанската војна во Грција, преку враќање на нивните имоти, можноста за двојно државјанство и слободно движење. Минатонеделниот случај на неможноста за премин на границата на претседателот на граѓанското здружение на лицата иселени од Грција по Граѓанската војна во Грција, само потврдува дека се уште овие проблеми се актуелни и објективни, проблеми кои се впрочем потенцирани и детално опишани во споменатиот извештај на Мекдугал, стои во соопштението.
Соговорниците на средбата изразиле заложби за почитување и спроведување на милениумските развојни цели, како и за поддршка на сите иницијативи кои ќе одат во насока на промовирање и афирмирање на овие цели, што е од значење не само за Република Македонија, регионот, туку е и од поширок универзален интерес.
На средбата станало збор и за прогресот на Република Македонија и за спроведените реформи во областите од значење за земјата. Премиерот Груевски потенцирал дека нема да се штедат напори да продолжат реформите и модернизацијата во сите сфери од интерес на граѓаните. Генералниот секретар изразил позитивна оценка за напредокот на Република Македонија �� го поздравил и вреднувал постигнатиот прогрес на земјата.
|