24.07.2012, 15:34 (ФОТО) Македонија е конструктивна и посакува динамичен дијалог со Грција
Премиерот Груевски денеска се сретна со медијаторот на ОН во македонско-грчкиот спор за името, Метју Нимиц
ФОТО: Петр Стојановски
Аспектите и можната динамика за надминување на спорот кој Грција го наметна во однос на името на Република Македонија биле тема на денешната средба во Скопје на премиерот Никола Груевски со Метју Нимиц, медијаторот на Обединетите Нации во македонско-грчкиот спор за името.
Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Груевски на средбата ја повторил посветеноста и конструктивноста на Македонија за надминување на спорот и подготвеноста за динамичен дијалог.
- Премиерот Груевски ја истакна својата посветеност во процесот, потенцирајќи го конструктивниот пристап на македонската страна и подготвеноста за продолжување на динамичен дијалог, а во интерес на изнаоѓање на решение. Беше изразена надеж и очекување за конструктивен пристап и од грчка страна, како и неопходност од давање приоритет на ова прашање од страна на Грција, како значајно за перспективите на Република Македонија и регионот, стои во соопштението.
Премиерот изразувајќи силна поддршка на мандатот на медијаторот Нимиц и почитување за неговите досегашни напори, изразил и подготвеност за директни средби на највисоко ниво со грчката страна, а во интерес на градење позитивна атмосфера и добар амбиент од значење за процесот.
Веднаш по средбата Нимиц замина во Охрид каде што попладнево треба да има тет а тет разговори со претседателот Ѓорге Иванов.
Нимиц ќе му се придружи на генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун кој вечер на охридскиот аеродром пристигнува во дводневна официјална посета на Македонија.
Посредникот Нимиц од Скопје на 26 јули заминува за Солун каде што треба да се сретне со грчкиот претставник во разговорите за името Адамантиос Василакис.
|