24.07.2012, 09:24 (ФОТО) Тешко повредените во пожарот хоспитализирани во Градската болница во Скопје
Тројца се во критична состојба, a меѓу повредените е и 15-годишно момче со полесни изгореници
ФОТО: МИА
Петмината потешко повредени при гаснењето на пожарот кај Струмица синоќа беа донесени во Градската хируршка болница „Свети Наум“ во Скопје. Тројца од нив се во критична состојба. Меѓу повредените е и 15-годишно момче со полесни изгореници.
Во посета на повредените беа премиерот Никола Груевски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и заменик министерот за здравство Јовица Андовски.
Според директорката на Градската болница Јасминка Чабуковска, има доволно капацитет за целосно згрижување и за евентуално нови случаи. Останатите повредени во пожарот се хоспитализирани во Струмичката болница на интерното и хируршкото одделение.
- Повредените се во тешка општа состојба. Тројца се веќе на респиратор, раните им се обработуваат, еден пациент е во исклучително тешка состојба и неговите шанси за преживување се минимални. Останатите се со 50 до 80 отсто изгореници. Само едно дете е со полесни повреди по грбот и двете надлактици, изјави Чабуковска.
Како што рече министерот Димовски, Градската хируршка болница за исклучително краток временски период по дојавата за испраќање пациенти во тешка здравствена состојба се екипираше со вонредни заложби, дополнителни кадри.
Клучна причина за денешната несреќа, нагласи, беше ветрот со променлив правец. Пожарот е изгаснат благодарение на дождот во попладнвните часови, но тоа не е никаква сатисфакција за сите трауми низ кои минаа повредените и нивните блиски. Виновникот што го подметна пожарот ќе биде многу скоро пронајден и против него ќе биде покрената кривична пријава.
- Најсериозно ги предупредуваме сите идни намерници или неодговорни луѓе кои по секоја или оваа цена сакаат да ја загрозат безбедноста на останатите граѓани. Уште во текот на утрешнот ден ќе се спроведе детална истрага за виновникот да излезе пред лицето на правдата. Нема да останеме на ова зашто согласно законите за ловство и за земјодеделско земјиште најстрого е забрането палење стрништа од страна на земјоделците. Воедно ќе се придржуваме и кон забраната од Македонски шуми за какво било палење оган на отворен простор и предизвикување општа опасност со загрозување на државното добро или мирот на граѓаните. Како што беше случајот во Светиниколско, така и сега за кратко време ќе го најдеме виновникот за пожарот и тој ќе биде изведен пред лицето на правдата. Но, сега целата наша надеж е во стручните болнички екипи кои, се уверивме со премиерот Никола Груевски, навистина пружаат максимална грижа и нега, истакна министерот Димовски.
Според него, ветрот со променлив правец дополнително го отежнал гаснењето од страна на 40-те лица вработени во Шумското стопанство „Беласица“, струмичките комунални претпријатија, противпожарната бригада и сите доброволци. - На терен имаше повеќе од 400 луѓе, но огнената стихија тешко беше да се контролира. Поради најавеното невреме и заради заштита на воздухопловите не можеше да се делува од воздух, затоа се дејствуваше од земја со помош на голем број граѓани, напомена Димовски.
Останатите девет повредени хоспитализирани во Струмичката болница синоќа ги посети заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски во придружба на пратеникот Васил Пишев. Тие директно се запознаа со сосотојбата и последиците од пожарот.
- Сочувствуваме со семејствата на повредените и овде сме да направиме се за побрзо закрепнување на нивните блиски. За пожарот дознав околу 18 часот и заедно со пратениците од Струмица ги презедовме неопходните мерки за згрижување на повредените. Како што ме информираа упатените во Скопје, четворица се работници од шумското стопанство „Беласица“ кои први интервенирале во гаснењето на пожарот, но поради силниот ветер тие се нашле во виорот на огнот и се здобиле со потешки изгореници, изјави заменик министерот Коњановски.
Министерството за здравство веќе формираше Координативно тело за транспорт и прифаќање на повредените во Градската хируршка болница „Св. Наум Охридски“.
Пожарот што почна на пладне, во 12 часот, од небрежност, во местото Чамчифлик, зафати борова шума на околу 50 хектари, се прошири, но е изгаснат од дождот во 19 часот и 30 минути.
|