24.07.2012, 14:39 СДСМ: Започна процесот на т.н интернет лустрација
СДСМ, како што рече Ана Павловска Данева, потпретседател на партијата, ја предупредува јавноста дека започна процесот на таканаречена интернет лустрација, кој наместо да расчисти со соработниците на службите од минатото, ќе се претвори во најголемото реално шоу во Македонија.
Според неа, македонската јавност треба да биде подготвена да ги прими сите извештаи на оперативните служби во кои се наоѓаат приватни детали од животот на илјадници граѓани, кои на еден или на друг начин се нашле во извештаите на службите, иако, подвлече, најверојатно никогаш не соработувале со нив, ниту претпоставуваат дека се во нечии извештаи.
- На мета нема да бидат само соработниците на службите, туку и оние кои биле предмет на обработка и оние кои случајно се нашле во извештаите на службите. Иако тие нема да бидат лустрирани, детали од нивниот живот, тајните кои сметале дека само тие ги знаат и секако пикантериите кои би биле атрактивни за јавноста ќе се најдат на интернет страниците на комисијата, а потоа сe ќе прерасне во едно медиумско-лустрациско реалити шоу, рече на денешната прес - конференција Павловска Данева.
Според неа, актуелниот Закон за лустрација содржи законски решенија кои се неуставни.
|