24.07.2012, 16:36 Филе: Балканлукс не е моја идеја
Одлуката за преоѓање во втората фаза на Спогодбата за стабилизација и асоцијација и овојпат блокирана, иако Македонија влезе во десеттата година кога требаше да истекува
Дефинитивно не е моја идеја - реплицираше категорично еврокомесарот Штефан Филе на преашањето дали Брисел е иницијаторот на идејата за создавање балкански Бенелукс, откако неговиот портпарол ја поздрави на прес конференција. Земјите во регионот се тие што треба да ја утврдат рамката за соработка, рече Филе, додавајќи дека генерално ако го прашаат сепак дали е за регионална сорабо��ка, неговиот одговор ќе биде позитивен.
Македонскиот шеф на дипломатијата Никола Попоски беше покатегоричен, изјавувајќи дека можност да се создаде творба како Бенелукс нема и дека наша цел е целиот регион да стане дел од Европската унија, нагласувајќи дека исто како што сака да соработува со Косово и со Албанија, Македонија сака да соработува и со Србија, Грција и други земји од регионот, ставајќи го тоа во поширока рамка на Југоисточна Европа.
Ваквите ставови Филе и Попоски ги изнесоа на денешниот деветти состанок на Советот за стабилизација и асоцијација, највисоко ниво на дијалог меѓу Македонија и ЕУ утврден со Спогодбата за асоцијација и стабилизација која влегува во десетта година, а одлука да почне нејзината втора фаза немаше и денеска.
Како што стоеше во соопштението од средбата, одлуката и натаму е во процес на разгледување, што во превод значи дека и овојпат таа наишла на грчка блокада, но бирократскиот речник на Брисел е премногу мек за да го соопшти тоа. Останатите пораки од состанокот , што го водеше кипарскиот министер за надворешни работи, беа во рамките на петте клучни области што ги вклучи ЕК во дијалогот на високо ниво со Македонија, плус статусот на Ромите кои се најдоа понапред и од слободата на медиумите. (С.Ј.)
|