03.06.2011, 17:46 Пристигнаа девет мајмуни од Барселона
Скопското животинско царство се збогати со девет нови мајмуни од три различни вида, досега невидени во градината. Двата сијаминга, четирите тамарини и трите пигмејски мармозети во ЗОО пристигнаа како донација од градината од Барселона.
Животните веќе се сместени во нови живеалишта, но, како што соопштуваат од Зоолошката, од технички причини сега ќе можат да се видат само мајмуните сијаминг, а до наредната недела пред посетителите ќе се изложат и тамарините и мармозетите, кои имаат потекло од Јужна Америка и се сметаат за најмали мајмуни на светот. Долги се од 12 до 35 сантиметри, тешки до 600 грама и имаат опашка долга од 15 до 45 сантиметри. За разлика од нив, безопашестиот црн сијаминг е најголем од видот гибон, познат по своето силно пеење.
Освен веста за новите жители, од ЗОО соопштија дека деновиве починала и осумнаесетгодишната бенгалската тигрица Лола. Единствениот сибирски тигар, кој беше роден во 1993 и донесен од белградската зоолошка градина во 2003 година, умрел од старост. Живеалиштето на Лола ќе биде искористено за подобро развивање и одгледување на новите млади сибирски тигарчиња. (Б.Ш.)
|