29.11.2010, 17:04 Овчарот од „Бачило“ да ја надомести штетата
Во наредните три години е предвидено да бидат изградени околу 63.000 квадратни метри нови или адаптирани простории во казнено-поправните домови низ државата, за што ќе бидат инвестирани 52 милиона евра. На почнувањето на проектот МАТРА на тема „Градење на капацитетите на менаџментот во македонската затворска служба”, министерот за правда, Михајло Маневски, посочи дека е предвидено да се зголеми капацитетот на „Идризово”, изградба на нов ВП дом во Тетово, доизградба на затворот „Куманово” и на затворот „Скопје”.
„Наша цел е да направиме затвори според европските стандарди, да создадеме оптимални услови за престој и за работа на осудените и на вработените лица, да се остварува ресоцијализацијата и хумано постапување со нив и да јакнат здравствените служби“, рече Маневски.
Прашан дали со затворањето на Иснифарис Џемаили ќе се затвори аферата „Бачило”, Маневски рече дека со неговото влегување во КП дом „Идризово“, се затвора случајот во однос на осудените лица, но не е затворен во делот на конфискација на имотот. „Од осудените лица се одземени значителни средства, согласно со изречената мерка за конфискација на имотот, но има уште активности што ќе бидат реализирани, особено за осудениот Џемаили, кој е должен да и' надомести на државата”, појасни Маневски. (МИА) |