26.03.2012, 13:49 Џејмс Камерон го допре дното на светот
Познатиот режисер ја возбуди научната јавност со нурнување на својата подморница на длабочина од 11.000 метри
Џејмс Камерон, режисерот на „Аватар“ и „Титаник“, во неделата се нурна со мини-подморница која лично ја проектирал до дното на најголемата длабочина на планетата, спуштајќи се низ темните води на западен Пацифик на длабочина од 11 километри.
Здружението „Нешенел џиографик“, кое помогна во спонзорирање на експедицијата, прва во 52 години за толку длабоко спуштање, соопшти дека тој стигнал на дното во 17,52 часот. Камерон се врати на површината во неделата навечер, јави Стефани Монтгомери од здружението „Нешенел џиографик“, јавува „Асошиетед прес“. Неговото враќање беше „побрзо од очекуваното качување од 70 минути“, јавува „Нешенел џиографик“.
По седум години планирање - направено со тим во Австралија и претежно во тајност - Камерон зачекори до неговиот елегантен пловен објект од 7,3 метри, го свитка телото во челичната капсула со ширина од само 109 см и паѓаше со километри низ леденото темно корито познато како „Челиџер дип“. Бурните води го одложија неговото нурнување околу две недели.
„Штотуку пристигнав на најдлабоката точка на океанот“, напиша Камерон на пораката на Твитер во неделата наутро. „Допирањето на дното никогаш не било толку добро. Едвај чекам да го споделам со вас она што го гледам“.
Пловниот објект на Камерон е уникатен меѓу подводните возила, а неговата вертикална оска е со цел да го забрза паѓањето и да го зголеми до максимум времето на дното. Неговата цел е да го испита темното морско дно шест часови, фотографирајќи и извлекувајќи примероци од фауната пред да се врати во сончевите области. Камерон (57) вежбаше јога за да се обучи за состојбата во која околу девет часа колената му се свиткани, а телото главно неподвижно.
|