26.03.2012, 13:04 Пожарникар повреден при незгода кај Требош
Тетовски пожарникар се здоби со изгореници од втор степен во несреќа што се случи во неделата на автопатот Тетово - Скопје во близина на надвозникот за Требош.
Според полицијата, околу 11 часот, на камион „ман“ со приколка натоварена со ризла му пукнала задната десна гума и се запалила. Возачот од село Ларце се паркирал на десната коловозна крајна лента и се обидел со противпожарен апарат да го изгасне оганот. Бидејќи пожарот ги зафатил двете гуми, шоферот повикал пожарникари. Додека пожарникарите го гаселе пламенот од церадата од приколката, ризлата почнала да паѓа на асфалтот. Пукнала една од запалените гуми, а од притисокот на воздухот, ризлата се распрскала и го повредила 43-годишниот пожарникар од село Јанчиште. Итно бил префрлен на Хируршкото одделение при Клиничката болница во Тетово, каде му се констатирани изгореници од втор степен на долните екстремитети и на лицето. (Г.А.)
|